Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Русија не бара заживување на групата 8, додека портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека е невозможно да се зборува за тоа сè додека не се постигне консензус во моментниот формат Г7 во кој не е вклучена Москва.

-Не баравме од никого да се занимава со ова прашање. Веќе реков дека слушнавме за ова (заживување на форматот Г8) од изјавите на некои западни колеги. Ние не сме разговарале со никого за ова, ниту ќе разговараме, рече Лавров на прес-конференција.

Лавров истакна дека Русија е вклучена во активности на други организации, како што се БРИКС, Организацијата за соработка во Шангај, Г20 и Обединетите нации.

Рускиот министер додаде дека за Русија е поважно да работи во рамките на Г20 отколку во Г8.

Анонимен извор на ТАСС во неделата изјави дека водачите на Г7 опширно размислувале за враќање на Русија во формат Г8, но не дошле до заклучок.

Песков рече дека е невозможно Русија да се врати во групата на покана на само една држава, бидејќи сите одлуки се донесуваат со консензус.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно изјави дека би било соодветно Русија да се врати во форматот.

На прашањето за изјавата на Трамп, Песков рече дека не го гледа тоа како провокација.