Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека е време да се обноват политичките контакти меѓу ЕУ и Русија, односно со Евроазиската економска унија (ЕАЕУ).

– Досега воспоставивме технички контакти за регулаторни и други прашања меѓу комисиите. Сепак, сметаме дека е време и за политички контакти – рече Лавров на отворањето на конференцијата посветена на односите меѓу Русија и ЕУ, објавија руските медиуми.

Москва е изненадена од пасивната реакција на Брисел на политиката на Вашингтон да управува со системот за контрола на оружјето, истакна рускиот министер за надворешни работи.

– Деталниот и конкретен предлог на рускиот претседател Владимир Путин да спречи појава на ракети со среден дострел, кои се лансираат од земјата, помина незабележано – рече Лавров.

Тој нагласи дека антируската реторика на Запад е претворена во воено зајакнување против Русија.