Експерти за здравствена заштита на животните соопштија дека куче кое е заболено од поблага верзија на коронавирус и се наоѓа во карантин во Хонгконг, можеби е првиот случај на пренесување на вирусот од човек на животно, иако нагласуваат дека случајот е сè уште под истрага.

– Кучето е прогласено за заразено со поблаго верзија на коронавирусот, што значи дека има низок степен на инфекција – велат од Министерството за земјоделство во Хонгконг, пренесе агенцијата „Танјуг“.

Здравствените власти исто така истакнуваат дека миленикот ќе биде вратен во неговото семејство по првите следни тестови кои ќе се покажат како негативни.

Министерството соопшти дека ќе спроведе дополнителни тестови за да утврди дали кучето е заразено со коронавирус и посочува дека нема индикации оти миленичињата можат да бидат извор на инфекција.

На веб-страницата на Светската здравствена организација се вели дека досега нема докази дека миленичињата можат да бидат заразени со коронавирус, потсетува агенцијата „Ројтерс“.