Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, тврди дека ЕУ треба да се фокусира на зајакнување на своите надворешни граници и на борбата против шверцерите на луѓе наместо да заживее планот што ќе ги принуди земјите членки да ги населуваат бегалците, пренесува РТ.

ЕУ е подготвена да ја објави новата предлог-политика за азил. Сепак, враќањето на задолжителните квоти за прифаќање мигранти е осудено на неуспех, смета Курц.

– Откриваме дека распределбата на барателите на азил во Европа е неуспешна и многу држави го отфрлаат ова. Нема да функционира вака – рече Курц за „Франс прес“.

Тој рече дека земјите членки треба да се фокусираат на обезбедување на надворешните граници на ЕУ и наместо тоа, да се борат против шверцерите со мигранти, како и да им помагаат на земјите од каде што доаѓаат бегалците.

– Европската Унија не е само Германија и Франција… малата или средната држава се разбира дека секогаш треба да бара сојузи, а во ЕУ со 27 земји членки може да се наметнуваат идеи само ако има други што ги поддржуваат – смета тој.

Повеќе од еден милион мигранти пристигнаа во Европа само во 2015 година од Блискиот Исток и од Африка. Брисел се обиде да се справи со приливот на мигранти принудувајќи ја секоја земја членка да прифати и насели одреден број луѓе. Сепак, Австрија и другите помали држави во Централна и Источна Европа, како што се Полска, Унгарија и Чешка, се побунија против оваа шема.

Комесарот за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, вети дека ќе ја измени политиката за азил правејќи ја пофлексибилна. Но, таа истакна дека е потребен заеднички пристап за да се обезбеди олеснување за државите кои се наоѓаат на фронтовската линија на мигрантската криза, како што е Грција.

Таа додаде дека со заедничка политика ќе се реши прашањето за пренатрупани бегалски кампови, како што е озлогласениот логор „Морија“ на грчкиот остров Лезбос, кој беше опустошен од пожари претходно овој месец.

– На сите им е очигледно дека ад хок солидарноста или доброволната солидарност не е доволна. Тоа е докажано веќе многу години. Солидарноста мора да биде задолжителна – рече Јохансон.