Австрискиот канцелар Себастијан Курц ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп на 20 февруари во Вашингтон.

– Ме радува што ќе имам работен состанок со претседателот на САД, на 20 февруари во Белата куќа. САД се светска сила и наш втор најважен трговски партнер, напиша Курц на Твитер.

Тој истакна дека Австрија секогаш има голем интерес за добри и блиски односи со САД.

– Исто така, ги поддржуваме напорите на ЕУ да спречи можна трговска војна на Унијата и САД, напиша Курц.

Како што е најавено во Виена, прво е планиран приватен разговор  на најмладиот шеф на една влада во светот и претседателот на САД, а потоа и состанок на делегациите на двете земји.

Теми ќе бидат билатералните односи, но и конфликтите во Европа и светот.

Инаку, како што пренесуваат медиумите, Курц сака средба со Трамп за да покаже дека официјална Виена, по посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Австрија во октомври, сака и добри односи со САД.

Последната средба на еден австриски канцелар со претседател на САД во Белата куќа се одржа пред 14 години, кога Волфганг Шисел во 2005 година се сретна со Џорџ Буш.

За време на Барак Обама ниту еден австриски канцелар не беше повикан во посета на САД.