Автор: Даг Бендоу

Нешенел интерест

Северна Кореја несомнено е посебна. Ако ништо друго, барем нејзините докажани постигнувања се еднакви на лажните руски достигнувања кои Павел Чеков ги споменуваше во оригиналните „Ѕвездени патеки“. И покрај тоа, Демократската Народна Република Кореја воведе еден вид на комунистичка монархија на чие чело е третата генерација.

Вистинското прашање за Ким Јонг-ун е дали тој, како неговиот татко и дедо, ќе ги следи османлиските практики на наследници од различни партнери. Така борбата за наследниците ќе биде поинтересна. Дури да е така, ретко може да се видат бебиња кај владејачката династија во Северна Кореја.

Но севернокорејскиот режим отиде чекор подалеку во тврдењето дека Големиот лидер Ким Ил-сунг, дедото на Симпатичниот лидер Ким Јонг-ун, како што го нарекувам вториот, не само што е бог, туку и за таков го смета легендарниот американски евангелист Били Греам. На минатонеделниот роденден на Ким Ил-сунг, како што пренесува Адам Тејлор за „Вашингтон пост“, севернокорејскиот весник „Родонг синмун“ навел дека Греам, кој неколкупати беше во посета на државата, го величал владеењето на Ким.

Греам „порачал“ дека „по следењето на посебното политичко лидерство на врховниот лидер Ким Ил-сунг, донел заклучок дека тој е бог. Ако Бог владее со друг свет, воедно е спасител и владетел на минатиот и идниот живот што постои во човековата фантазија, тогаш признава дека врховниот лидер Ким Ил-сунг е бог кој денес владее со човечкиот свет“. Човекот кој многупати се повикувал на Библијата потоа „рекол“, според „Родонг синмун“, дека „Ким е бог на тој свет и зошто на една таква држава воопшто би ѝ требало Светото писмо?“

Греам е одамна пензиониран, здравјето му е лошо и е повлечен од јавноста. Претставници од Евангелистичкото здружение на Били Греам ги отфрлија ваквите тврдења кои не ја одразуваат „теологијата на Греам или неговиот став“. Дефинитивно нема докази дека под влијание на Големиот лидер, евангелистот се одрекол од својата животна определба за да верува во современиот еквивалент на Ваал. Ким, чии родители наводно биле верници, не ја практикувал верата. Напротив, тој станал еден од најголемите верски прогонувачи на минатиот век. Поради недозволени верски активности можело да се заврши в затвор или со смрт.

Штетните политики на Ким Ил-сунг продолжија и за време на владеењето на неговиот син и внук. Ако ништо друго барем се влоши угнетувањето. Иако грозоморно се постапува со повеќето севернокорејски бегалци кои се вратија во сопствената држава, најголемата казна им се нанесува на оние кои паѓаат под влијание на странски христијани. Паничниот страв на режимот од христијанството предизвикува внатрешни сомнежи. Династијата на Ким се темели на лојалност кон врховниот лидер кој од дамнешни времиња се почитува и се смета дека има натприродни способности.

Навистина, во биографијата на Ким Јонг-ил, таткото на Симпатичниот лидер, беше променето местото на раѓање од Сибир во светата планина Пекту. Тоа го поткрепи правото на Ким да се смета за полубог. Сепак, не беше обичен смртник. Иако Греам не беше цитиран дека зборува за овој Ким, сепак, синот на еден бог е исто така бог, па така и внукот.

Но Севернокорејците треба многу да внимаваат пред ноншалантно да бараат статус на божество. Се чини дека има цена за сите оние кои тврдат дека се богови. Казната може да биде голема за оцрнување на името на Били Греам, кој смета дека Ким е пророк на современиот Ваал. Христијанството некогаш цутеше на северот и на југот од Корејскиот Полуостров. И покрај масовното гонење за време на династијата Ким, верата успеа да опстои. Нејзиното денешно постоење го предизвикува владеењето на последниот Ким. Можеби тој верува дека може да го зајакне кредибилитетот на режимот со тоа што бара чудно одобрување од Греам.

Но тоа нема да успее. Премногу информации минуваат низ границите на Северна Кореја за некој да верува во фантазиите што ги пропагира Пјонгјанг. Згора на сè, севернокорејските претставници треба бидат свесни што им се случи на последните пророци на Ваал. Може и нив Бог да им прати оган.

Превод: Билјана Здравковска