Поројни дождови денеска го зафатија Кувајт, предизвикувајќи блокади на патиштата и хаос во сообраќајот, јави ДПА.

Властите ја ангажираа Армијата за справување со вонредната состојба и апелираа да граѓаните да не ги напуштаат своите домови без поголема потреба.

Војниците и спасувачките тимови на повеќе локации поставија бетонски прегради со цел да ја задржат надојдената вода и да спречат нејзино продирање во населените места.

Поради поројниот дожд неколку патни правци во земјата се целосно или делумно затворени за сообраќај.

Кувајтската метеоролошка служба најави нови врнежи проследени со грмежи и во текот на престојнава ноќ, додавајќи дека очекува лошото време да трае до петок.

Поради невремето владините институции, училиштата и универзитетите се затворени, а не работат ниту повеќето банки и берзата.

Ова е втор бран поројни дождови во Кувајт, по оние од минатата недела кои предизвикаа поплави и големи материјални штети, поради што министерот за јавни работи Хусам Абдула ал Руми поднесе оставка.