Раул Кастро е подготвен да отстапи од власт

Раул Кастро сигурно имаше визија за економската и политичка транзиција на Куба кога пред три години објави дека ќе се повлече од лидерската функција во комунистичката партија во 2021 година. Но работите не се одвиваа според неговиот план, со оглед дека островската зависна од туризмот е погодена од пандемијата, со што екомомијата забележа пад од најмалку 11 отсто, според проценките на владата, објавува „Си-ен-ен“.

Кастро заедно со поранешниот американски претседател Барак Обама ги подобри кубанско-американските односи, за потоа тие повторно да се влошат во времето на администрацијата на Доналд Трамп, која воведе остри економски санкции врз Куба. Сегашниот американски претседател Џо Бајден, пак, засега не воспоставува комуникација со кубанските власти, наспроти значајната промена во водството на државата.

Се очекува да дојде до историска промена на претстојниот осми конгрес на Комунистичката партија што ќе се одржи неделава, односно семејството кое ја трансформираше Куба во социјалистичка држава да го олабави стисокот врз власта.

Конгресот почнува денеска, со цел да биде одбележана 60-годишнината од кубанската победа во Заливот на Свињите. А се очекува Раул Кастро да отстапи од функцијата на прв секретар на Комунистичката партија. Тој во 2018 година ја напушти и претседателстката функција, со што му овозможи на неговиот наследник Мигел Дијаз-Канел да ја предводи власта. Кастро тогаш соопшти дека Дијаз-Канел веројатно годинава ќе ја преземе лидерската функција и во партијата.

Промената на власта ќе го означи крајот на политичката ера на семејството Кастро на Куба, бидејќи ниту едно од децата на поранешниот кубански лидер и брат на Раул, Фидел Кастро, кој почина во 2015 година, моментно не е на водечка владина функција. По завршувањето на конгресот, ниту еден член на семејството Кастро нема да биде на водечките позиции на власта првпат по 62 години. Канел-Дијаз тогаш ќе треба да се зафати со задачата за трансформирање на кубанската економија и со спроведувањето на реформи.