Иако веста за заминувањето на Раул Кастро од власт предизвика големо внимание во светската јавност, објавата за крајот на ерата на семејството Кастро по 62-годишно владеење на Куба, се чини дека нема големо значење за Кубанците, пренесува „Гардијан“.

Кубанците го очекуваа потегот на Кастро, а за оние кои се обидуваат да дојдат до храна во овие тешки времиња на пандемија, новоста одвај да направи некаква разлика во нивниот живот.

– Не верувам дека ќе има било каква разлика во иднина, барем не додека старата гарда ја фрла својата сенка и влијание врз кубанската политика – изјави еден Кубанец.

Во говор одржан на осмиот конгрес на Комунистичка партија на Куба, Кастро пред  делегатите изјави дека се повлекува од функцијата со задоволство, бидејќи ја исполнил својата должност и има доверба во иднината на земјата. Кастро ќе биде заменет од 60-годишниот претседател на Куба, Мигел Дијаз-Канел.

Двајцата браќа Раул и Фидел беа во првите редови во битката за родова и расна еднаквост на Куба. Но денес, многу Кубанци веруваат дека придобивките и верувањата од тие рани денови се одамна загубени.

Откако го презеде управувањето на Куба во 2008 година, а потоа и како секретар на партијата во 2011 година, Раул воведе важни економски реформи. На Куба беа отворени мали бизниси, продажбата на куќи и автомобили беше дозволена, а во земјата стигнаа и првите мобилни телефони со интернет.

– Мораме да ја елиминираме старата и тажна илузија, дека Куба е единствената земја во светот во која може да се живее без да се работи – изјави Кастро, порачувајќи им на државните медиуми да не ги прикриваат проблемите на земјата, додека повика и на издигнување на нова генерација лидери.

Но за Кубанците, приоритет останува доаѓањето до храна. Во 2016 година, администрацијата на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, наметна нови санкции врз Куба, правејќи ги финансиските трансакции на островот невозможни преку „Вестерн јунион“.

Ковид-пандемијата го уништи она што остана од економијата на Куба, и покрај првичниот успех да го задржи вирусот надвор од границите и обидот да создаде свои вакцини против ковид-19. Според властите на земјата, економијата се намали за 11 отсто во 2020 година, предизвикувајќи пад на увозот на суровини за 40 отсто.