По масовните антивладини протести, кубанската комунистичка власт ги легализира малите и средните приватни претпријатија до сто вработени и тоа се смета за голема промена во централизираниот економски модел во Куба

Кубанските власти, по масовните протести поради големата економска криза што ја зафатија земјата, дополнета со последиците од пандемијата на ковид-19, ги легализираа малите и средните приватни претпријатија. Оваа мерка е голема промена од централизираната и контролирана економија, во која доминираа државните компании. Масовните протести од минатиот месец, кои се најголеми по Кубанската револуција во 1959 година, беа видлив знак за гневот кај Кубанците, кој беше поттикнат од економскиот колапс, намалувањето на резервите со храна и големиот број заболени од коронавирусот.
„Фајненшл тајмс“ пишува дека кубанскиот режим се соочува со закани за сопствениот авторитет во последните неколку децении, само четири месеци откако претседателот Мигел Диас-Канел ја консолидира сопствената власт. Тој се обиде да спроведе помали пазарни реформи за да може Куба да ја придвижи кон напредните комунистички држави како Виетнам. Помошта од сојузниците, Мексико, Русија и Венецуела, беше недоволна да го спречи незадоволството на луѓето што протестираа на 11 јули годинава. Економистите оценуваат дека само со сериозни економски реформи и обнова на туризмот Куба ќе може да излезе од стагнацијата, која трае од 2016 година. Кубанската економија минатата година доживеа пад поради пандемијата. Бруто-домашниот производ за 2020 година се намали за 10,8 отсто, а во јануари годинава падот беше за дополнителни два отсто, во споредба со истиот период лани.
По масовните антивладини протести, кубанската комунистичка власт ги легализира малите и средните приватни претпријатија до сто вработени, објави Би-би-си. Претседателот Диас-Канел изјави дека Куба презема цврсти чекори за да го унапреди својот економски модел. Одлуката за малите и средните претпријатија е донесена во петокот, на петти август, и тоа се смета за голема промена во политиката на Владата. Туризмот е еден од најважните сектори на кубанската економија, но е тешко загрозен поради глобалните ограничувања за патување. Исто така, производството на шеќер, чиј извоз е главен приход за земјата, годинава е намалено поради лошата земјоделска година. Девизните резерви на државата се исцрпени и не може да се плаќа увозот на производи што се неопходни за секојдневниот живот на граѓаните.

Американскиот претседател Џо Бајден поради острите мерки за спречување на протестите воведе нови санкции за Куба и се закани со нови казнени мерки доколку комунистичкиот режим не одговори на барањата на протестантите за сеопфатни промени. Кубанската влада во февруари годинава одлучи поголем дел од контролираната економија да го отвори за приватниот сектор, освен во клучните подрачја, како што се здравството, медиумите и образованието. Можноста за самовработување е дозволена за две илјади професии, пишува АФП.
Процените се дека околу 600 илјади Кубанци работат во приватниот сектор, што е околу 13 отсто од работната сила. Премиерот Мануел Мареро Круз во јуни годинава предупреди дека ширењето на приватните активности нема да оди предалеку, бидејќи постојат граници што не може да се преминат.
Консултантот за развој на бизнисот во Куба, Ониел Диаз, изјави дека новиот закон за мали и средни претпријатија претставува пресвртница што многу Кубанци со години ја очекуваат, пренесе „Ал џезира“.
Истовремено, под притисокот на економската криза, која се продлабочи поради коронавирусот, и засилените американски санкции, сѐ поголем број Кубанци се решаваат на ризично патување преку морето да влезат во САД, пишува АП. Легалното заминување е оневозможено поради одлуките на претходниот претседател Доналд Трамп да го затвори американскиот конзулат во 2017 година, по неколку мистериозни заболувања меѓу дипломатскиот персонал, а некои сметаат дека тоа е последица на специјалната војна, што беше негирано од Куба.
Американската крајбрежна стража објави дека за една фискална година пресретнале 595 Кубанци. Лицата што илегално ќе стигнат на копното на САД ќе бидат протерани. Мигрирањето на Кубанците на север е помало во споредба со 2016 година или во драматичната криза во 1994-1995 и во 1980 година, кога кубанските власти привремено се откажаа од спречување на миграциите, а со тоа десетина илјади луѓе тргнаа на пат преку морето.

Кубанската историчарка Алина Барбара Лопес посочува на два масовни егзодуса што биле предизвикани со кризите и кога кубанските власти ја отворија границата како испсутен вентил пред внатрешниот општествен притисок. Фидел Кастро во 1980 година го отвори пристаништето Мариел за сите што посакаа за заминат, и тогаш 125 илјади Кубанци тргнаа на север, со што предизвика политичка криза за тогашната администрација на претседателот на САД, Џими Картер.
– Хавана сега е во замка, бидејќи не може да ги отвори своите граници поради договорот за миграција потпишан во Вашингтон – вели Лопес.
Кубанските власти признаваат дека постојат знаци за можна мигрантска криза, но велат дека таа би можела да биде решена доколку претседателот на САД, Џо Бајден, го исполни предизборното ветување за укинување на строгите санкции од Доналд Трамп, кои ги воведе за да се смени комунистичката власт во Куба, како и да се продолжи дијалогот што го почна американскиот претседател Барак Обама.