Џејк Анџели тврди дека не сторил ништо лошо

Истакнатиот поддржувач на теоријата на заговор „КуАнон“, Џејкоб Ентони Ченсли, познат како Џејк Анџели, е во притвор поради обвиненија за насилен упад и непримерено однесување, по немирите во американскиот Kонгрес.

Ченсли кој се нарекува шаманот на „КуАнон“, наводно е човекот кој привлече големо внимание по упадот во Конгресот поради необичниот изглед. Тој имаше бојадисано лице, а носеше крзнена капа и рогови, како и копје.

 – Ова лице носеше копје со приближна должина од два метра, на кое беше врзано американското знаме, под острицата – се вели во соопштението на обвинителството на Вашингтон.

Анџели тврди дека не сторил ништо лошо и дека вистината и бог се на негова страна, како што посочи тој во разговор за Би-би-си по упадот во Конгресот.

„КуАнон“ претставува теорија на заговор според која припадниците на т.н. „длабока држава“ работат против Доналд Трамп. Таа почна да се шири пред нешто повеќе од три години. Нејзините следбеници сега функционираат како виртуелен култ, главно верувајќи во дезинформациите спинувани од страна на заедницата што ги шири теориите на заговор. Нејзините главни уверувања тврдат дека десетици политичари и славни личности соработуваат со владите низ светот во заговор за сексуално злоставување на деца. Годинава, телевизиската водителка Опра Винфри и актерот Том Хенкс беа цели на теории на заговор на „КуАнон“, во кои беа обвинети за трговија со деца и за педофилија. „КуАнон“ е децентрализирана група, без јасна цел, освен слоганот „Доведувајте сѐ во прашање“.

Полицијата го притвори и човекот кој беше фотографиран како ја носи говорницата на претседателката на Претставничкиот дом на Конгреост, Ненси Пелоси, кој е обвинет за кражба на владин имот и за насилен упад.

Обвинет е и претставникот на локалните власти во Вирџинија, Дерик Еванс, кој објавил лична видеоснимка во која се забележува дека е заедно со поддржувачите на Трамп, со кои влезе во Конгресот.

Десетина други учесници во немирите исто така се соочуваат со обвиненија поврзани со упадот во Конгресот.