Според извештајот на Европската агенција за основни права (ФРА), во земјите од Стариот Континент за време на пандемијата доминираат расистички говор на омраза и ксенофобен популизам. Еврозоната исто така се соочува и со големи проблеми и околу санкционирањето на овој растечки опасен тренд од страна на надлежните институции

Истражување на Европската агенција за основни права

Ксенофобниот популизам и расистички говор на омраза и минатата година за време на пандемијата оставиле трага на политичката клима во Европа. Исламофобија, антимигрантски сентименти, навреда на лицата од африканско потекло и занемарување на религијата, етничката припадност и родот и натаму се присутни во европските земји. На Стариот Континент дури девет од десет случаи што содржат говор на омраза не се пријавуваат во полиција, а таквиот тренд од година на година се зголемува. Ова меѓу другото се наведува во последниот извештај на Европската агенција за основни права (ФРА), кој наведува дека етничките малцинства биле на најголем удар и минатата година во Европа, а жртвите не ги пријавуваат нападите поради непреземањето мерки од страна надлежните институции во ЕУ.

Слаби реакции на институциите

Имено, извештајот посочува дека растечката загриженост на јавноста е поради економските, геополитичките и технолошките промени, искористени првенствено од страна на популистички политичари, кои жртвувајќи ги мигрантите и малцинствата, сакаат да го поделат општеството во Европа по национална, етничка и религиска основа.
Она што дополнително загрижува е фактот дека таквите ставови сè повеќе се присутни и меѓу водечките политички партии и влади во Европа, оценува ФРА.
– Нападите преку омраза што не се пријавени во надлежните институции не можат да се истражуваат или да се гонат кривично, што резултира со појава на неказнивост и охрабрување на сторителите – велат од европската агенција.
Во извештајот стои дека вистинската бројка на ваквите случаи е непозната, што ги прикрива реалниот обем на проблемот и итната потреба за преземање мерки. Жртвите што не пријавуваат напади со омраза не добиваат отштета или потребната поддршка – вели студијата.

Резултати од истражувањата

Повикувајќи се на претходни истражувања, европската агенција исто така посочува дека некои малцински групи се соочуваат со двојно повеќе насилство од општото население.
На пример, додека вкупно девет отсто од сите испитаници искусиле физичко насилство во текот на годините опфатени во истражувањето, процентот е поголем на оние што припаѓаат на некое етничко малцинство 22 отсто. Па, така, според студијата, физичко насилство било регистрирано и кај оние групи што се самоидентификуваат, но и кај оние што имаат сериозна попреченост во извршувањето на секојдневните обврски поради некаков инвалидитет или здравствен проблем со 17 отсто, оценува извештајот.
– Државите од Европската Унија имаат должност да обезбедат пристап до правдата за сите. Но премногу жртви на нападите со говор на омраза не пријавуваат до надлежните дека биле нападнати, а и премногу држави не ги регистрираат соодветно ваквите злосторства.
Ова мора да се промени. Државите треба да го упростат процесот на пријавување и да го подобрат регистрирањето на случаи на злосторство од омраза, како и истрагите и казнивоста, за целосно да се поддржат правата на жртвите – порача Мајкл О’Флаерти, директорот на ФРА.
Во исто време за најпозитивна страна, според ФРА, тело што се бори против расизмот во Европа, се наведува дека сѐ поголем број земји преземаат чекори со цел нивните законодавства да се усогласат со европските и меѓународните стандарди во борбата против говорот на омраза и насилството.