Угледниот американски весник „Њујорк тајмс“, во своја анализа за последниот бран напади што се случија на иранска почва изминативе неколку месеци, посочува дека тајната служба на израелската држава, Мосад, спровела низа операции, со кои Израел во практика го попречува функционирањето на нуклеарните капацитети на Иран

Разузнавачите не мируваат и во услови на пандемија

Последниот бран напади што се случија во Иран изминативе неколку месеци, како сајбер-нападот врз нуклеарната централа „Натанс“, ликвидирањето на водечкиот нуклеарен научник Мухсин Фахризаде, но и повеќето саботажи и атентати врз високи луѓе на иранските служби, се само дел од доказите што укажуваат на тоа колку лесно разузнавачките агенти на Израел длабоко се навлезени во границите на Иран. Ова, меѓу другото, во своја анализа го наведува угледниот американски весник „Њујорк тајмс“, кој повикувајќи се на извори од Мосад, пишува дека Иран повеќе не е никаква моментална и директна закана за Израел, а со тоа ни за светот. Според американскиот весник, последниот бран на напади ги обелодени непријатните безбедносни пропусти на Иран и ги остави иранските лидери да гледаат немирно назад додека тие преговараат со администрацијата на Џо Бајден во Виена за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година.

Иран упориште на шпиони?

Како што наведува магазинот, во Иран во моментов е најалармантно што иранските власти и аналитичари сметаат дека земјата е немоќна да открие кои се сторителите на нападите, бидејќи Израел има развиено многу добра ефикасна мрежа на соработници во земјата, а иранските разузнавачки служби и по толку време се немоќни да ги пронајдат мотивите, а уште помалку и извршителите на делата. Токму во таа насока, како што посочува весникот, шефот на парламентарниот стратегиски центар во Техеран неодамна изјави дека Иран се претворил во „упориште на шпиони“. Поранешниот командант на корпусот на исламската револуционерна гарда повика на ревизија на безбедносниот и разузнавачкиот апарат во земјата додека пратениците бараат оставка од највисоките безбедносни и разузнавачки функционери во земјата.
– Фактот што Израелците успеаја толку смело да го погодат Иран е крајно непријатно и покажува слабост за која сметам дека е лошо решена во рамките на самиот Иран – вели Санам Вакил, заменик-директор на Програмата за Блискиот Исток и Северна Африка од институтот „Чатам хаус“. Во исто време нападите предизвикаа и параноја во Иран, па сега секоја несреќа и инцидент им се припишуваат на странски интриги и служби. Во понеделникот, откако иранските државни медиуми објавија дека бригадниот генерал Мохамед Хосинзаде Хејази, заменик-командант на силите „Кудс“ (надворешен разгранок на Револуционерната гарда) починал од срцеви проблеми, се појавија сомневања дека тоа можеби е испланирано убиство. Сепак дури и ако генералот Хејази умрел од природна смрт, загубата на тројцата главни генерали во Иранските безбедносни сили е значителен удар за државниот апарат, пишува на истава тема хрватски „Јутарњи лист“.

Сите атентати и саботажи на израелските тајни служби

Во меѓувреме, несомнено е дека Израел работи на поткопување на иранската нуклеарна програма, која ја смета за смртна закана. Се верува дека Израел започнал со атентати врз клучни луѓе што се вклучени во програмата уште во 2007 година, кога починал нуклеарен научник во фабрика за ураниум во Исфахан како резултат на мистериозно истекување на гас. Во годините што следувале, како што наведува анализата на весникот, биле убиени уште шестмина научници и воени службеници, за кои се верува дека биле клучни во иранските нуклеарни напори да создадат оружје. Израел исто така во изминатите години организираше и акции низ целиот свет, наоѓајќи и уништувајќи нуклеарна опрема наменета за Иран и во други земји.

– Тие секогаш се подготвени да го уништат, скријат или да инсталираат експлозивни направи на опремата за Иран, веднаш штом таа ќе биде инсталирана од страна на иранските власти – изјави еден поранешен висок американски разузнавач за „Њујорк тајмс“. Паралелно на ова, поранешен оперативец на израелската разузнавачка служба, пак, тврди дека, за да се компромитира таквата опрема, разузнавачките агенти на Израел се подготвени во секое време дури и да поминат покрај нуклеарната централа и да извршат инцидент како што е сообраќајна несреќа или да изглумат срцев удар, при кој би предизвикало од населението и од чуварите да повикаат брза помош, каде што подоцна тие веднаш би можеле да ги нападнат сомнителните објекти на Иран.
Во исто време целата иранска јавност, почнувајќи од потпретседателот Исхак Џихангири, па сѐ до парламентарците, бара „прочистување“ на иранската разузнавачка служба и одговор за нејзините неуспеси, додека САД засега стојат настрана и внимателно ги набљудуваат случувањата во Иран, притоа не мешајќи се директно во односите меѓу Израел и Иран.


Руската полиција ги уапси главните поддржувачи на опозицискиот лидер Алексеј Навални и ги спречи во намерата за одржување протести на територијата на целата држава, кои требаше да се случат во средата, на денот кога претседателот Владимир Путин свечено се обраќа пред нацијата. Навални е сериозно болен и штрајкува со глад во затворската болница во градот Владимир, на 180 км источно од Москва.
Судбината на 44-годишниот Навални дополнително ги заострува односите на Русија со Западот. Џејк Саливен, советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден, неодамна порача дека американската влада ѝ порачала на Русија дека „ќе има последици“ ако Навални почине в затвор. Навални беше уапсен на неговото враќање во Русија во јануари, откако беше лекуван во Германија поради труење со забранет нервен агенс, како што рекоа германските власти. Тој и западните влади труењето го нарекоа обид за убиство. Кремљ негираше секаква вмешаност. Навални почна да штрајкува со глад на 31 март во знак на протест.