Одлуката на турската Врховна изборна комисија за поништување на локалните избори во Истанбул предизвика остри реакции во земјата, но и кај меѓународните претставници. На изборите за градоначалник на Истанбул победи лидерот на опозициската Републиканска народна партија, Екрем Имамоглу. Турската опозиција ја обвини владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган за диктатура, порачувајќи дека сепак ќе учествува на прегласувањето за ново раководство во повеќемилионскиот град, пренесуваат светските медиуми.

Републиканска народна партија и Имамоглу победија во престолнината Анкара и во Истанбул првпат по 25 години, а за многумина ваквиот исход од локалните избори беше тежок пораз за претседателот Ердоган, кој во 1990-тите години исто така беше градоначалник на градот на Босфор. Коментирајќи ја одлуката на изборната комисија, потпретседателот на опозициската Социјалистичка партија порача дека во Турција било нелегално да се победи партијата на Ердоган.

– Ова е систем што оди против волјата на граѓаните и ги занемарува законите. Ниту е демократски, ниту легитимен. Ова е чиста диктатура – порача Онурсал Адигузел, вториот човек на опозициските социјалисти.

Партијата на Ердоган претходно се жалеше за нерегуларности што според нив влијаеле на крајниот исход на изборите. Изборната комисија ја прифати жалбата завчера попладне и гласачите повторно треба да излезат на избори за градоначалник на Истанбул на 23 јуни. Одлуката за прегласувањето беше пречекана со протести во повеќе населби во Истанбул.

Од друга страна, не изостанаа ниту критики од меѓународните претставници и европски функционери. Австрискиот канцелар Себастијан Курц смета дека во Европската Унија нема место за оние што не ги прифаќаат демократските избори. Курц побара конечен прекин на пристапните преговори на ЕУ со Истанбул.
– Сѐ уште постојат силни систематски ограничувања на слободата на истражување и медиумите – истакна Курц.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас изјави дека одлуката за анулирање на резултатите од изборите за градоначалник на Истанбул не е транспарентна и не може да се разбере. Мас порача дека само турските гласачи можат да одлучат кој ќе биде градоначалник и укажа на важноста на основните демократски принципи и транспарентни изборни правила. Претходно, со заедничка изјава реагираа и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.