Премиерот Едуар Филип ги повика министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер и неговиот државен секретар Лоренс Нуњез на кризен состанок по вчерашното насилство на Елисејските полиња за време на демонстрациите на жолтите елеци, јавува дописникот на МИА.

-Ќе бидат преземени дополнителни мерки (за одржување на редот и мирот), тоа нема да биде нов закон, но ќе се преземат мерки, рече министерката за здравство Агнес Бузан во неделното интервју за РТЛ-Фигаро-ЛЦИ.

Министерката додаде дека саботните насилници „дејствувале во мали групи и дека било многу е тешко да се приведат”.

Целта на денешниот состанокот е да се работи на мерките најавени од страна на претседателот на Франција, Емануел Макрон кој го прекина својот викенд на скијање за да се врати во Париз по насилствата.

-Денес имаме луѓе кои се обидуваат со сите средства… да и наштетат на Републиката за да ја скршат, ризикувајќи и да убиваат… Многу нешта се направени од ноември, но многу е јасно денес, денешниот ден тоа го покажува дека со овие случаи, ние не сме направиле се, призна тој.

За, Макрон „сите оние кои биле таму (на демонстрациите) биле соучесници” во уништувањето на дел од Шанз Eлизе.

Шефот на државата вети дека набрзо ќе предложи „силни, дополнителни мерки”.

Опозицијата и градските власти на Париз бараат од владата и претседателот конкретни мерки за да му се стави крај на насилството, но и да се даде соодветен одговор на барањата на жолтите елеци.

Во притвор во Париз се 200 луѓе, по саботата, обележана со насилството на Шанз Eлизе, каде 80-на луксузни продавници беа оштетени.