Лидерот на опозицијата во Венецуела, Хуан Гуаидо рече дека би го разгледал предлогот за амнестија на претседателот Николас Мадуро ако тој се откаже од позицијата, пренесува Би-би-си. Во интервју, Гуаидо, кој е самопрогласен претседател на државата, изјави дека се обидува да соработува со сите сектори, вклучувајќи ја и војската, за да ја заврши кризата.

Информацијата доаѓа во период кога САД се обидува да ги блокира финансиските приходи на Мадуро, откако тој ги прекина сите дипломатски односи со земјата, а доби поддршка и од војската.

Меѓународната заедница е поделена во признавањето на власта на Хуан Гуаидо, откако САД заедно со повеќе држави од Латинска Америка, како и Канада и Велика Британија го поддржаа како претседател, додека Русија, Кина и Турција сметаат дека тој е „нелегален“ претседател и дека власта во Венецуела треба да остане во рацете на Николас Мадуро.

Државниот секретар на САД, Мајк Попмео вчера побара да се состане Советот за безбедноста на Обединетите нации поради ситуацијата во земјата, а претседателот Трамп потенцираше дека „сите опции се на маса“ како реакција за ситуацијата во Јужноамериканската земја.

Хуан Гуаидо

Што изјави Гуаидо?

Во интервјуто за телевизијата „Унивижн“, Гуидо дека слична амнестија како што е планирана за Мадуро се случила и во демократската транзиција во Чиле.

– Кога ќе дојде вистинскиот момент, ќе ги разгледаме можностите. Овој тип на амнестии се „во игра“ за сите оние кои се подготвени да го вратат уставниот поредок – посочи Гуаидо.

Тој вети дека ќе одржи и слободни, фер и демократски избори, со цел брзо да се надмине кризата. Претходно, тој објасни дека неколку ставки во Уставот не му дозволуваат да ја преземе власта во државата, бидејќи тој верува дека изборите на кои е избран се нерегуларни.

Во меѓувреме, Советникот за безбедност на САД Џон Болтон за медумите изјави дека администрацијата на Трамп работи на тоа да насочи финансиски средства за работа на Гуаидо.

Како започна кризата?

Во средата започнаа масовни протести во Венецуела, дел како поддршка, а дел против претседателот Николас Мадуро. На една од демонстрациите во Каракас, Гуаидо се прогласи за привремен лидер на Државата. Неколку минути по самопрогласувањето, претседателот на САД, Доналд Трамп ја призна власта на Гуаидо, а по него и повеќе Јужноамерикански земји, Канада и Велика Британија.

Мадуро коментарите од страна на САД ги окарактеризира како „голема провокација“ и ги прекина сите дипломатски односни со земјата. Вчера, тој нареди затворање на амбасадата и конзулатите на Венецуела во САД. Од друга страна пак, Гуаидо ги повика дипломатите во САД да останат на своите позиции.

Стејт департментот пак, донесе одлука да го повлече поголемиот дел од дипломатскиот пресонал во Венецуела.

Кој е следниот чекор на Трамп?

Според пишувањата на Би-би-си, САД во последните две години има донесено санкции за Венецуела, кои целат високи претставници на Владата на Мадуро, ја ограничуваат достапноста на пазарите во САД за земјата и ги блокираат односите со оние кои се вклучени во трговијата со злато во Венецуела. Но, досега администрацијата на Трамп нема донесено директни санкции за трговијата со нафта, кои се главен извор на финансии во јужноамериканската земја.

Се очекува дипломатските превирања да создадат услови во кои САД ќе одлучи да спроведе санкции за нафта врз Венецуела. Но, аналитичарите предупредија дека санкциите од страна на САД за „црното злато“ не би имале значилетен ефект врз т.н. „режим“ на Мадуро, поради тоа што тој ќе започне да извезува нафта за Кина и Русија.

Николас Мадуро


Зошто протестираат луѓето во Венецуела?

Николас Мадуро ја води Венецуела од 2013 година, а пред еден месец го започна вториот мандат како претседател на државата. Неговиот реизбор во мај 2018 година беше проследен со бојкот на опозицијата и обвиненија за местење на изборите. Претседателот се соочи со критики од меѓународната заедница и од опозицијата во државата поради наводни прекршувања на човековите права и начинот на кој ја води економијата на земјата.

Иако Венецуела ги има најголемите резерви на нафта во светот, економијата во државата веќе неколку години е пред колапс. Со индустријата во земјата се раководи неадекватно, а приходот од нафтата е значително намален. Појавата на хиперинфлација и недостаток на неопходни продукти за секојдневно живеење како храна и лекови предизвика голем број жители да ја напуштат Венецуела.

Стратешките партнери на Венецуела, како што Русија и Кина инвестираа многу милијарди долари преку кредити и трговски договори за да ја помогнат економијата во земјата. Москва ја смета оваа јужноамериканска земја за еден од најблиските соработници во овој регион.