Венецуела се соочува со криза од највисоко ниво, а тоа значи дека можат да се појават проблеми и за нејзините два најголеми странски сојузници – Кина и Русија, објавува американската телевизија Си-ен-би-си.

Јужноамериканската земја со социјалистичка власт ги има најголемите резерви на сурова нафта на светот, но ендемската корупција ја уништи економијата на Венецуела. Пекинг и Москва во последната декада некоку пати и помогнаа на земјата да се спаси од економски колапс со испраќање на финансиската помош вредна повеќе милијарди долари.

– Воглавно, размената на долгови за нафта им одговараше на сите инволвирани страни, но таа практика сега се менува – констатираат од Си-ен-би-си.

Поради фактот што САД и повеќе други западни демократии го поддржаа лидерот на опозицијата во Венецуела Хуан Гуаидо како легитимен претседател и ја оспорија власта на Николас Мадуро, се создаваат услови во кои Русија и Кина не би можеле да ги добијат назад парите вложени во земјата.

– Кина и Русија се загрижени дека со доаѓањето на власт на Гуаидо, неговата власт нема да ги почитува договорите и ќе одбие да ги врати позајмените пари – вели Рас Дален од „Каракас капитал маркетс“.

Други експерти сметаат дека на Русија и Кина не им се допаѓа падот на, според нив, режимот на Мадуро и не им се допаѓа тоа што САД наводно прогласуваат претседател на туѓа држава. Според Хелима Крофт, шеф во инвестициската банка РБЦ, кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин се исплашени од тоа што САД се вмешува во функционирањето на една од земјите која е под нивна заштита.

Венецуела должи околу 100 милијарди долари на надворешни кредитори, вклучувајќи ги Кина и Русија. Одредени извештаи покажуваат дека овие цифри можеби се и повисоки. Договорите кои овие две земји ги потпишаа со Венецуела им донесоа релативно евтина нафта и сигурна стратешка позиција во предворјето на САД, а за возврат тие ја снабдуваа земјата со пари. Проблемите се појавија кога производството на нафта на Венецуела се намали, и сега земјата произведува само една третина од тоа што го произведуваше во времето кога Уго Чавез беше избран за претседател во 1998 година.

Си-ен-би-си тврди дека Венецуела на Пекинг му должи 20 милијарди долари, а на руската компанија „Роснефт“ уште 2,3 милијарди, вклучувајќи ја и каматата. Останува отворено прашањето дали овие долгови ќе остинат валидни ако Гуаидо ја преземе власта од Мадуро, а за тоа време ситуацијата продолжува да се влошува. Иако Гуаидо вети дека ќе ги почитува сите долгови кон Кина, истото не го кажа за долговите кон Русија, додека Москва не сака да ризикува и да ги загуби вложените пари во земјата.

Ако Хуан Гуаидо ја преземе власта во Венецуела и да одлучи да ги исплати кредитите, тоа нема да биде во брз рок. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) најверојатно ќе мора да го започне најголемиот и најкомплициран процес на реструктурирање на доглови во неговата историја.

Венецуела, во суштина ќе треба целосно да се реструктуира. Во прилог оди тоа што тие имаат повеќе од 300 милјарди барели нафта, како и резерви на злато, железна руда и многу други различни видови на ресурси.