Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден ќе треба да се соочи со важно прашање кое би можело да го дефинира неговото претседателство – одлуката за судбината на неговиот претходник Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.

Трамп ќе ја напушти Белата куќа со потенцијална кривична одговорност, со каква што не се соочил ниту еден американски претседател уште од Ричард Никсон, кој беше спасен од помилувањето на неговиот наследник Џералд Форд, откако посрамотен поднесе оставка. Трамп кој ќе ја напушти функцијата по обидот да го подрие фер изборниот процес, веројатно нема да добие таква прошка од Бајден. Заминувањето на Трамп ќе го соочи Вашингтон со ретко поставуваното прашање во американската историја – треба ли поранешниот претседател да биде кривично гонет?

Додека беше на функцијата Трамп имаше заштита од Министерството за правда. Под водство на Вилијам Бар кој токму Трамп го постави за јавен обвинител во 2019 година, министерството му помогна на претседателот во заминување да закочи државна криминална истрага за можна даночна измама.

Кога Роберт Милер ја заврши истрагата за поврзаноста помеѓу Русија и изборната кампања на Трамп во 2016 година, неговиот извештај наведе бројни случаи на можна криминална опструкција на правдата од страна на Трамп, но нагласи дека политиката на Министерството за правда забранува обвинување на актуелниот претседател.

Ваквиот вид на заштита ќе престане да важи на 20 јануари, оставајќи ја судбината на Трамп во рацете на неговите политички противници, а таа можеби ќе стигне и пред судот. Ниту еден поранешен американски претседател досега не бил кривично гонет. Прашањето е дали Трамп би бил првиот. Кривичното гонење на Трамп би било тешко, но идеалите на американската демократија го бараат тоа, смета Џон Дин, член на персоналот на Белата куќа кој своевремено сведочеше против Никсон и отслужи затворска казна поради улогата во скандалот „Вотергејт“.

 – Дали тоа би било политички непријатно? Да, би било. Дали би се создал медиумски циркус? Бидете сигурни во тоа. Можеби треба да поминеме низ сето тоа за да се осигуриме дека ваквата ситуација нема да се повтори – вели Дин.

Однесувањето на Трамп пред и за време на вршењето на претседателската функција нуди потенцијални цели за можна федерална истрага од страна на администрацијата на Бајден. Поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, сведочеше дека Трамп прикажал помала вредност на неговите недвижности кога барал банкарски заеми или поднесувал даноци, покренувајќи прашања за можна измама, кои Министерството за правда веќе ги испитува. Постапките на Трамп за време на изборната кампања од 2016 година исто така беа во фокусот на федерална истрага.

Бајден засега се дистанцираше од овие прашања, повторувајќи во повеќе наврати дека тој ќе ја задржи независноста на Министерството за правда. Бајден сугерираше и дека не е расположен можната истрага и кривичното гонење на Трамп да станат главна тема во текот на неговото претседателство. Трамп досега тврдеше дека е невин за обвинувањата со кои се соочува, отфрлајќи ги како „лажни вести“ или дел од „ловот на вештерки“ чија цел е негово соборување од власт. А блиските соработници на Трамп го советуваат да си даде помилување на себеси пред да ја напушти функцијата. Соочувајќи се со тешки одлуки, администрацијата на Бајден и јавниот обвинител би можеле да бараат начини да го избегнат прашањето за кривично гонење на Трамп, заклучува „Фајненшл тајмс“.