Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, смета дека хипотетички постои можност за сајбер-војна меѓу САД и Русија, пренесува ТАСС.

Москва му предлагаше на Вашингтон заедно да се борат против сајбер-криминалот, но таа идеја не наиде на прием, рече Песков, коментирајќи ги пишувањата на „Њујорк тајмс“ за интернет-напади на САД врз Русија.

-Претседателот Путин и руската страна повеќепати се обидуваа да иницираат меѓународна соработка за заеднички да се борат против секоја појава на сајбер-криминал. За жал, американските партнери не се одѕваа на таквите предлози, посочи Песков.

Тој потврди дека руските стратешки објекти редовно се цел на сајбер-напади од странство, но дека соодветните служби успешно се борат против нив.

Повикувајќи се на непознати извори и бивши владини претставници, „Њујорк тајмс“ во саботата објави дека САД ги засилиле сајбер-нападите врз енергетскиот систем на Русија и дека така ја покажуваат одлучноста на Трамп поагресивно да ги употреби сајбер-алатките.

Трамп ги осуди пишувањата на весникот како предавство на државата.

-Ако претпоставиме дека некои владини одделенија го прават тоа без да го известат шефот на државата, тогаш таа информација ја покажува хипотетичката можност за сајбер-војна и сајбер-акции против Руската Федерација, посочи Песков.