Се подготвува посета на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на Москва, соопшти денеска Кремљ.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека претседателот Владимир Путин минатиот месец го поканил Ким да ја посети Русија, и Москва работи на прецизирање на деталите за тоа кога и каде ќе се реализира посетата.

Изјавата на Песков доаѓа откако државниот секретар на САД Мајк Помпео го посети Пјонгјанг, каде разговараше за нуклеарното разоружување на Северна Кореја и подготовка на нова средба меѓу Ким и претседателот на САД Доналд Трамп.

Претседателката на рускиот Совет на федерацијата Валентина Матвиенко, која на почетокот на септември беше во официјална посета на главниот град на Северна Кореја, претходно изјави дека Ким многу ја цени поддршката на Русија и оти изразил подготвеност во најскоро време да ја посети Русија.