Киев само ќе ја влоши домашната украинска криза со својата одлука за влез во НАТО зашто оваа идеја е неприфатлива за луѓето што живеат во самопрогласените народни републики Донецк и Луганск, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува ТАСС.

– Длабоко се сомневаме дека тоа некако ќе ѝ помогне на Украина да се справи со својот внатрешен проблем. Од наша гледна точка тоа само ќе ја влоши ситуацијата уште повеќе бидејќи мислењата на луѓето не може да се занемарат на кој било начин кога зборувате за влез во НАТО. И ако побарате мислење од неколку милиони луѓе во самопрогласените републики, ќе сфатите дека таквото членство во НАТО е крајно неприфатливо за нив – нагласи тој.

Претходно во вторникот, украинскиот претседател Владимир Зеленски рече дека членството во НАТО е единствениот начин да се стави крај на војната во Донбас.

Ситуацијата во Донбас се влоши кон крајот на февруари со речиси секојдневна размена на оган, особено со употреба на минофрлачи и фрлачи на гранати. Страните во конфликтот меѓусебно си ја префрлаат вината за ескалацијата.

Рускиот претседател Владимир Путин на 30 март одржа видеоконференција со својот француски колега Емануел Макрон и со германската канцеларка Ангела Меркел. Путин изрази особена загриженост за потезите на Украина за влошување на состојбата во Донбас.