Кремљ засега не гледа основа за покренување кривична истрага за ситуацијата околу опозицискиот блогер Алексеј Навални, изјави прес-секретарот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, пренесува ТАСС.

– Прво, неопходно е да се идентификува супстанцијата, да се открие што ја предизвикало неговата состојба. Тоа значи дека треба да има основи за истрага. Досега, сè што можеме да кажеме е дека пациентот е во кома. Ако се утврди дека Навални е отруен со одредена супстанција, ќе има причина за истрага – рече тој.

Песков додаде дека труењето може да се смета само како една од верзиите на она што се случило со Навални.

– Засега има и многу други медицински верзии. Сите овие верзии беа разгледани уште во првите часови од страна на лекарите и специјалистите од Омск и од Москва, сето ова е дискутирано и проверено веќе десетици пати додека бараа супстанции. Не успеаја, не најдоа супстанција, не ја гледаат оваа материја. Можеби, Германците ќе ја видат – истакна тој, именувајќи ја меѓу нив употребата на одредени лекови и индивидуална реакција на одредени околности

Руските лекари ја поддржуваат размената на информации и материјали со нивните германски колеги во ситуацијата со Навални, додаде Песков.

– Секако, нашите лекари се подготвени да достават примероци од првите тестови и да предложат размена на информации и разни биолошки материјали со германските колеги – кажа Песков.

Тој се воздржа од одговор на прашањето дали руските лекари сториле сè што можат и дали ќе бидат потребни дополнителни анализи.

– Не можам да кажам, не знам. Имам идеја колку примероци се потребни и колку информации можат да се извлечат од нив, но знаете дека ние не сме специјалисти. Кремљ не може да биде експерт за тоа. Не земаме никакви примероци. Не можеме да кажеме ништо за резултатите од тестирањето. Бесмислено е да се зборува за тоа, не знаеме ништо за тоа – нагласи Песков.

Тој додаде дека руските лекари три дена се бореле за животот на Навални и не биле потребни никакви посебни упатства од Путин.

– Лекарите три дена не штедеа никаков напор да го спасат животот на пациентот, и веројатно овој живот беше спасен благодарение на нив. Подоцна, нашите агенции бргу ги решија сите формалности, водејќи сметка за тешката состојба, околу барањето на неговата сопруга да го однесе во Германија – рече Песков.

Портпаролот на Кремљ ги осуди тврдењата дека руските власти се вмешани во труење на Навални, нагласувајќи дека не може да се сфатат сериозно.

– Не можеме да ги сфатиме сериозно овие… обвинувања. Овие обвинувања, кои не можат да бидат вистинити, не се ништо друго освен млатење празна слама, би рекол, така што немаме намера сериозно да ги третираме – истакна тој.

Кремљ е збунет од брзањето на Германија да ја објави теоријата за труење. Според Песков, руски и германски специјалисти имаат идентични медицински податоци за ова прашање, но нивните заклучоци се различни.

– Не сфаќаме зошто им се брза на нашите германски колеги да го користат зборот „труење“ – рече тој, додавајќи дека оваа теорија е меѓу првите руските лекари ја зеле предвид, но „супстанцијата сè уште не е идентификувана“.