Повикуваме на итен прекин на огнот во Нагорно-Карабах и целиот процес да се пренесе во политички и дипломатски текови, изјави денеска за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Продолжуваме внимателно да ја следиме состојбата во регионот, сметаме дека борбените операции треба веднаш да се запрат и процесот на регулирање на конфликтот како таков, како и последиците од последната ескалација, да се пренесат во политичките и дипломатските текови – рече Песков.

Тој додаде дека ситуацијата на линијата на раздвојување во Нагорно Карабах е причина за голема загриженост на Москва и многу други земји.

– Од првиот час кога се случи ескалацијата, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров беше во контакт со неговите колеги и во Ереван и во Баку. „Покрај тоа, на иницијатива на ерменската страна, рускиот претседател Владимир Путин вчера разговараше со премиерот на Ерменија – додаде Песков.

На новинарско прашање дали Кремљ верува дека ескалацијата на конфликтот во тој регион е намерно предизвикана со цел за одредено влијание врз Русија, Песков одговори негативно.

Конфликтот вчера продолжи во регионот Нагорно-Карабах. Двете страни, Азербејџан и Ерменија, меѓусебно се обвинуваат за ескалација.