Кремлин силно ги отфрли шплекулациите дека американскиот претседател Доналд Трамп соработувал и правел заговори со рускиот претседател Владимир Путин за време на неговата претседателска кампања, пренесува Си-ен-ен. Од Кремлин дополнително велат дека моменталните контроверзни моменти со администрацијата на Трамп силно се рефлектирале во американското општество.

-Шпекулациите за заговор немаат никаква врска со реалноста. САД се наоѓа во необична ситуација и таму постојат поделби и во општеството и во Владата, а со тоа се појавуваат и услови во кои на претседателот Трамп му е тешко да ја врши својата работа – изјави портпаролот на Кремлин Дмитри Песков за медиумите.

Во петокот, „Њујорк Тајмс“ пренесе дека ФБИ отворило истрага за тоа дали Трамп работел во прилог на Русија и против интересите на САД. Потоа, во неделата „Вашингтон пост“ објави дека американскиот претседател барал деталите од состаноците со Путин да се држат во тајност.

Претседателот на САД Доналд Трамп во негов стил од Белата куќа ги негираше сите поврзаности дека соработувал со Москва.

– Никогаш не сум работел за Русија и вие тоа го знаете подобро од било кој друг – изјави цврсто Трамп и целата истрага на ФБИ за можната соработка со Москва за време на неговата кампања ја нарече голема „измама“ на медиумите.