Резултатите од парламентарните избори во Израел покажуваат дека премиерот Бенјамин Нетанјаху не доби доволно гласови за да формира десничарско владејачко мнозинство. Нетанјаху и неговата партија Ликуд дури и освоија помалку гласови од изборите во април. Па, така, како најголем победник на сегашните избори може да се смета Бени Ганц со неговата коалиција „Сино и бело“. Коалицијата на Ганц освои 32 пратенички мандати, додека, пак, владејачката Ликуд ќе има 31 пратеник во новиот состав на израелскиот парламент.

Во формирањето на новата влада пресудно влијание ќе има одлуката на бившиот министер за одбрана Авигдор Либерман, чија партија заврши на третото место. Либерман повика на формирање национална влада на единство, која би ја сочинувале неговата Израел Беитену, Ликуд и коалицијата „Сино и бело“.

– Имаме само една опција – национална, либерална и широка влада, која би ги опфаќала Израел Беитену, Ликуд и „Сино и бело“ – порача Либерман.

АП оценува дека неуспехот на Нетанјаху да формира десничарско владејачко мнозинство би можел да значи и крај на неговата политичка кариера. Според новинската агенција, малку е веројатно Нетанјаху со најдолгиот премиерски стаж во историјата на Израел да се согласи да биде дел од владата што ја предводат некои други.