Кралот на Шведска, Карл XVI Густав, вели дека верува оти неговата земја не успеала да ги заштити старите лица во домовите за нега од ефектите на пандемијата на коронавирусот, пренесува „Вашингтон пост“.

– Мислам дека не успеавме. Имаме голем број што починаа и тоа е страшно. Тоа е нешто поради што страдаме сите – рече монархот.

Неговите коментари следуваа по заклучоците презентирани во вторникот од независна комисија, која ги разгледа начините на справување со пандемијата во Шведска. Комисијата наведе дека грижата за старите лица во Шведска има големи структурни недостатоци и дека властите се покажале неподготвени и лошо опремени за да се справат со пандемијата.

Шведска се истакна меѓу европските и другите нации со начинот на кој се справува со пандемијата – таа долго време не налагаше мерки за ограничено движење како другите нации, туку се потпираше на чувството на граѓанска должност. Скандинавската земја забележа речиси 7.700 смртни случаи поврзани со Ковид-19.

– Помислете на сите членови на семејствата што не беа во можност да се збогуваат со своите починати роднини. Мислам дека е тешко и трауматично искуство да не може да се каже топло збогум – рече кралот во извадок од претходно снименото божикно интервју, што ќе се емитува на 21 декември на шведскиот радиодифузер СВТ.

Неговиот син, принцот Карл Филип, кој е петти престолонаследник, и неговата сопруга, принцезата Софија, беа позитивни на Ковид-19 и имаа поблаги симптоми. Тие беа во карантин дома со своите две деца.

Карл Густав е шеф на државата на Шведска, но неговите должности се церемонијални и тој не поседува политичка моќ.