Европската Унија нема да биде заплашена од заканите што доаѓаат од Белорусија, кажа еврокомесарот за економија Паоло Џентилони, коментирајќи ги предупредувањата на белорускиот лидер Александар Лукашенко за прекин на транзитот на гас, ако европскиот блок воведе дополнителни санкции против неговата власт.

– Ние овозможуваме греење за Европа, а тие ни се закануваат со затворање на границите. Што ако го блокираме транзитот на природен гас? Му советувам на полското лидерство, на Литванците и на другите да размислат добро – остро порача Лукашенко.

Покрај најавите за дополнителни санкции од ЕУ, Полска неделава затвори еден од нејзините гранични премини со Белорусија, со што има застој на нејзината граница.

– Не треба да бидеме исплашени од заканите на Лукашенко – категоричен е Џентилони.

ЕУ ја обвинува Белорусија дека ги охрабрува мингрантите од Средниот Исток да доаѓаат во Минск, по што наводно го помага нивното поминување на државните граници со земјите од ЕУ. Полските власти соопштија дека илјадници луѓе кампуваат во шумскиот предел на полско-белоруската граница, која ја штитат 15 илјади полски војници, полицајци и граничари. Мигрантите се обидуваат да влезат во Полска, како и во Летонија и во Литванија.

Се смета и дека Лукашенко на овој начин одговара на санкциите наметнати од ЕУ поради обвинувањата за местење на белоруските претседателски избори минатата година. Брисел и земјите-членки на границите на ЕУ ги оквалификуваа постапките на белоруската власт како „хибридно војување“. Европската комисија планира дополнителни санкции за да го принуди Минск да престане со наводното помагање на мигрантите на нивниот пат кон ЕУ.

Нејасно е дали Лукашенко ќе може да го прекине протокот на гас од Русија кон Полска преку гасоводот „Јамал“, со што таквиот потег не би можел да се спроведе без одобрување од Москва, заклучува „Политико“.