Автономната администрација предводена од Курдите во североисточна Сирија, на Германија и предаде четири деца чии родители биле дел од терористичката организација Исламска држава (ИД), објави „Дојче веле“ повикувајќи се на извори од германското Министерство за надворешни работи.

Станува збор за три сирачиња, момче и две девојчиња, како и едно 6-месечно бебе кое е многу болно. Курдските власти информираа дека децата се предадени на германска делегација, а притоа се водат преговори и за предавање на уште едно лице.

Германија за првпат прима деца чии родители како членови на ИД се предале на Сириските демократски сили (СДФ), по долгогодишна борба меѓу двете страни. Предадените деца живееле во кампот Ал Хол во североисточна Сирија, камп во кој се смета дека ИД во моментов целосно ја преземалa контролата.

Во март, СДФ објавија дека целосно е уништен Калифатот на ИД со освојувањето на последното упориште на милитантната група во источна Сирија, по неколку месеци интензивна борба. Судбината на борците и нивните семејства стана едно од главните прашања за курдските сили.

Со падот на некогаш моќниот Калифат на ИД, бројни европски земји се соочија со предизвикот за справување со џихадистите-повратници и нивните деца. Голем дел од владите на земјите на ЕУ беа претпазливи за враќањето на нивните граѓаните кои се бореле за Калифатот во Сирија и Ирак. Владите стравуваа од политичките последици за прифаќањето на екстремистите, по серијата џихадистички напади во Франција, Германија и на повеќе други места во Европа, завршуваат од „Дојче веле“.