Воениот арсенал на Западот падна во рацете на талибанците

По повлекувањето од Авганистан, американските сили што беа во државата речиси две децении зад себе оставија софистицирана воена опрема вредна повеќе милијарди долари. Ова модерно оружје, според првичните планови, беше наменето за авганистанската национална армија, но сега, по последните случувања, се најде на располагање на талибанците

Молскавичното талибанско освојување на Авганистан, а особено на главниот град Кабул речиси без никаков отпор сѐ уште е шок за сите западни демократии и влади. По воениот „блиц“ што се случи во земјата, во која 20 години Западот, пред сè САД вложуваа милијарди долари во воена опрема, техника и персонал, за повеќето западни медиуми и аналитичари е нејасно како сето тоа се сруши прекуноќ и отиде во рацете на талибанците. Некои медиуми, покрај тоа што оценуваат дека последните случувања во земјата се триумф на тероризмот врз западните вредности, во исто време информираат дека новиот авганистански режим сега располага со модерно и софистицирано оружје, кое многу развиени земји не можат да си го дозволат. Имено, според извештаите во медиумите, талибанците заплениле околу 2.000 оклопни возила, околу 60 воздухоплови и илјадници парчиња пешадиско западно оружје, вредно и по неколку милијарди долари. Иако искуството на талибанците во пилотирање авиони и хеликоптери може да се доведе во прашање, експертите се согласуваат дека овие борци се исклучително добро обучени за употреба на софистицирано оружје, како пиштоли, пушки и возила.

Каква друга опрема имаат талибанците?

Како што пишува Ројтерс, повикувајќи се на податоците на британската разузнавачка служба, во Авганистан помеѓу 2003 и 2016 година САД им однеле огромно количество воена опрема и оружје на авганистанските сили. Во тој период биле испорачани 358.530 пушки од различни производители, повеќе од 64.000 митралези, 25.327 минофрлачи и 22.174 хамви, повеќенаменски оклопни возила. Според новинската агенција, кога силите на НАТО ја завршија својата „војна“ во 2014 година, авганистанската армија ја презеде улогата на безбедносните сили во земјата и со тоа ги наследи некои од модерните воени возила. Понатаму, како што пренесува медиумот, за борба против талибанците, Американците дополнително им доставиле на авганистанските сили повеќе опрема и ја замениле нивната излитена и застарена воена техника. Интересно е што само во 2017 година, авганистанските сили беа снабдени со речиси 20.000 пушки М-16, а во следните години дополнително со 3.598 пушки од типот М-4, заедно со друга софистицирана западна воена опрема. Сега сето тоа, според податоците на американскиот специјален генерален инспекторат за обнова на Авганистан (Цигар), е во рацете на талибанците.

Што можат да направат талибанците со толку многу оружје?

Во меѓувреме, светските медиуми пишуваат дека ако запленувањето на американскиот хеликоптер „блек-хок“ беше лесно, управувањето и одржувањето може да излезат голема работа за талибанците. Ова меѓу другото го вели д-р Џонатан Шроден, директор на консултантската група ЦНА и поранешен советник на американските сили во Авганистан. Според него, Американците што го напуштија Кабул велат дека оневозможиле да бидат за употреба 73 авиони, но и 70 оклопни возила, како и 27 џипа хамви. Американскиот експерт посочува дека деловите на хеликоптерот треба да се сервисираат и да се заменуваат одвреме-навреме, а воздухопловните сили се потпираат на помош на техничари што ги одржуваат овие летала во возна состојба, работи што, за среќа, не ги поседуваат талибанците.

Сепак, фактот дека групата доби пристап до модерно оружје е „колосален неуспех“ – смета Мајкл Кугелман, заменик-директор на центарот „Вилсон“ во Вашингтон.
Последиците нема да бидат ограничени само на Авганистан. Се стравува дека на црниот пазар ќе почнат да се појавуваат помали оружја, што ќе предизвика немир во другите делови на светот. Воениот експерт Кугелман смета дека ова не е непосреден ризик, туку дека овој развој може да се очекува во наредните месеци и дека сега останува на околните земји, Пакистан, Кина и Русија, да го спречат.

Паралелно на сето ова, руските власти неделава соопштија дека добиле нови барања за оружје од земјите од Централна Азија и додаваат дека на тие држави ќе им испорачаат оружје и хеликоптери поради стравот од случувањата во Авганистан, каде што власта ја презедоа талибанците. Како што јавува агенцијата Франс прес, земјите од Централна Азија, особено Узбекистан и Таџикистан, кои се граничат со Авганистан и кои имаа џихадистички напади во минатото, се загрижени од враќањето на талибанците на власт.

– Веќе работиме на голем број нарачки од земјите во тој регион, кои бараат руски хеликоптери, лесно оружје и современи системи за заштита на границите – рече за Риа новости генералниот директор на агенцијата за извоз на оружје Александар Михејев.