Пловидбата на два американски воени бродови во близина на островите на кои Кина полага право во Јужното Кинеско Море, создадоа тензии помеѓу двете светски сили чии односи веќе се влошени поради трговскиот спор, пренесуваат светските медиуми. Токму доминацијата во Тихи Океан претставува една од клучните амбиции на САД и на Кина во нивната битка за планетарна превласт, пренесува српски „Недељник“.

Џонгнанхај (седиштето на кинеските институции) работи на ограничување на влијанието на САД во западниот Пацифик, на засилување на алтернативните правци и на интеграцијата на Хонгконг, Макао и на Тајван. Американците, пак, наводно, ги поттикнуваат центрифугалните сили во Кина, чија цел е федерализација на најмногубројната светска држава, како и реагирање на можноста за враќање на Тајван кон матицата.

Битката за доминација ќе се води во Тајванскиот мореуз и околу Формоза (старото име на Тајван – н.з.). Кина не може да стане најголема светска сила без Тајван, САД не можат да останат планетарен хегемон без „непотопливиот носач на авиони“, како што американскиот генерал Даглас Мекартур го дефинираше Тајван за време на Корејската војна. Американските и кинеските генерали сметаат дека постои можност за тензии во западниот Пацифик. Во прилог на ваквите тврдења оди и зголемувањето на популарноста во Тајван на политичките опции кои се залагаат за независност и за барање на место во Обединетите нации. Наредната година би можела да биде клучна во зависност од претседателските избори на Тајван, од следните чекори на тајванската администрација и од размерите на економската криза што и се заканува на Кина.

Американскиот разузнавач Џејмс Е. Фланел, кој е специјалист за Кина, веќе аргументираше зошто верува дека Пекинг би можел да употреби сила за освојување на Тајван во периодот околу 2030 година, на сослушувањето во Конгресот. Според Фланел, пресудна би можела да биде и 2049 година, односно стогодишнината од победата на Мао Це Тунг и од раѓањето на Народна Република Кина. 

Според одредени проценки, не се поставува прашање дали ќе се судрат САД и Кина, туку кога, на кое поле и каков ќе биде нивниот судир? Со оглед дека двете држави се нуклеарни сили, логично е да се отфрли можноста за директна конфронтација, со што е оставена широка лепеза на видови на војување – психолошка, економска, трговска, кибер-војна, или преку несреќни трети држави.