Иако официјалната кампања за избор на нов претседател на ЕП, која треба да се случи за помалку од три месеца, сѐ уште не е почната, во потесниот круг во трката за прв човек на европскиот законодавен дом влегуваат четири звучни имиња, меѓу кои и сегашниот претседател на ЕП, Давид Сасоли

Политички калкулации во пресрет на изборите за прв човек на европскиот законодавен дом

Европскиот парламент се подготвува за жестока борба за тоа кој ќе го предводи законодавното тело на Европската Унија (ЕУ) во наредните години. Трката што некогаш се чинеше како однапред одредена, одеднаш стана неизвесна како резултат на пандемијата, внатрешните кадровски распределби, но и неодамнешните избори во Германија. Иако официјалната кампања сѐ уште не е почната, сепак во потесниот круг во трката за новиот челник на европскиот законодавен дом засега влегуваат четири имиња на кандидати, меѓу кои и сегашниот претседател на ЕП, Давид Сасоли. Според пишувањата на магазинот „Политико“, кампањата треба да почне периодов и треба да трае до почетокот на јануари следната година, кога европратениците ќе го изберат својот следен претседател со мандат од две и пол години.
Други имиња што се споменуваат во европската јавност, кои би можеле да бидат претенденти за функцијата, се и поранешната адвокатка од Малта Роберта Мецола, демохристијанката Естер де Ланг од Холандија и поранешниот шпански сенатор од Валенсија Гонзалес Понс. Кој и да ја освои највисоката позиција ќе биде има тешка задача пред себе, а тоа е да го одржи единството во сè поподеленото собрание пред изборите за Европскиот парламент во 2024 година, наведува угледниот магазин.

Давид Сасоли – борба за втор мандат

Отворена тајна во европското законодавно тело е дека сегашниот претседател на Европскиот парламент, Давид Сасоли, сака да се кандидира за втор мандат. Сасоли, кој е италијански социјалдемократ, неочекувано стана претседател на парламентот во 2019 година, како дел од поширокиот договор за распределба на лидерските места во ЕУ. Според договорот, Сасоли се очекуваше да стои настрана кога ќе истечеше мандатот за да може функцијата да ја преземе конзервативец. Сасоли, кој инаку е 65-годишен татко на две деца, исто така, го мачи тоа што поголемиот дел од неговиот мандат беше засенет од пандемијата, што го принуди да се фокусира на сложени логистички мерки за заштита на европратениците и персоналот.

Роберта Мецола – консензуален избор

Поранешната адвокатка Роберта Мецола (42) од Малта можеби јавно не ја објави својата кандидатура, но нејзиниот профил на Твитер зборува поинаку. Според пишувањата на медиумите, Мецола е класичен производ на бриселските институции. Таа служеше како правно аташе во канцеларијата на Малта во ЕУ од 2004 до 2012 година и како правна советничка на Кетрин Ештон, поранешната врвна дипломатка на ЕУ. Течно зборува италијански и фински, во брак е со Финец, со кого има четири деца. Првично избрана во ЕП во 2013 година, Мецола стана една од првите европратенички на Малта, како и една од главните луѓе на ЕПП и Парламентот за миграцијата.

Естер де Ланг – ветеранска опција

Долгогодишна соработничка на холандската Демохристијанска партија (ЦДА), Де Ланг (46) е исто така еден од кандидатите за оваа позиција. Имено, таа беше избрана за европратеничка во 2007 година, што ја прави највозрасната кандидатка за претседателската функција. Како член на парламентарната комисија за животна средина, таа беше вклучена во подготвувањето на позицијата на ЕПП за климатските промени, што критичарите ја оценија како премногу двосмислена. Според познавачите на состојбите, за Де Ланг ќе биде предизвик да ја добие поддршка од европратениците од левиот центар, од кои некои ја сметаат за премногу политизирана, бидејќи ги застапува политиките за штедење на северните земји во Европа.

Естебан Гонзалес Понс – шпански избор

Поранешниот шпански сенатор од Валенсија, Гонзалес Понс, долго е исто така претендент за функцијата. Тој е избран во Европски парламент во 2014 година и е познат по своите ораторски вештини. Сепак, 57-годишниот татко на три деца испрати сигнали дека сепак сака да се бори за претседателска функција. Иако Гонзалес Понс за шпанскиот печат неодамна рече дека ЕПП мора да најде „консензуален кандидат“, подразбирајќи дека тоа нема да биде тој, сепак шпанските медиуми деновиве пишуваат дека тој потајно ја посакува кандидатурата.