Не постои соодветен наследник за Владимир Путин

Автор: Константин Ремчуков

Нешенел интерест

Рускиот претседател Владимир Путин се соочува со голема дилема која не е по негова вина. Путин не може да најде негова достојна замена, односно политички клон како што тој смета. Меѓу другото, сигурниот наследник треба да биде скромен, одмерен во изјавите, лојален на номенклатурата, либерален во секојдневниот живот, патриот во јавноста, флексибилен во меѓународните преговори, способен да балансира меѓу екстремите, меѓу неговите сопартијци и најважно да биде неуморен и толерантен, опседнат со работа, состаноци, летови и со преговори.

Проблемите на Путин не завршуваат тука. Тој се плаши дека нема да може да ги заштити неговите деца и пријатели ако се повлече од власта. Истовремено чувствува супериорност над политичката елита која директно работи под негова контрола. Тој не верува во никакви ветувања, но верува во шансите за предавство од страна на неговиот најблизок круг, што би можел да попушти пред неочекуван развој на настаните и опозициски притисок. За Путин да ги довери задачите за управување и сопственоста на еден сложен и тежок ентитет како што е Русија на неговата лична елита, всушност би било глупаво, нерационално и непотребно решение, затоа што тие се послаби и понеодлучни од него.

Можни замени на Путин

Димитриј Медведев – премиер на Русија од 2012 година. Тој не сака да работи нон-стоп секој ден од неделата. Не може да носи одлуки, има тенденции да се вклучува во сомнителни иницијативи (како што се реформата за летно сметање на времето, четиридневна работна недела и бадминтон), држи дистанца од сопствениот тим и наместо тоа, ја потенцира неговата поврзаност само со еден тим, а тоа е оној на Путин.

Валентина Матвиенко – гувернерка на Санкт Петербург и претседателка на Советот на федерацијата, не покажа оригинални идеи и покажува тотален цинизам за политика.

Вјачеслав Володин – претседател на рускиот парламент. Тој бескрајно му е посветен само на Путин.

Сергеј Шојгу – министер за одбрана. Тој е емотивно исцрпен и нема реални амбиции за градење на кариера, а наместо тоа, сонува за тивко и мирно пензионирање што само Путин може да му го обезбеди. Под одредени услови, можеби би ја прифатил позицијата на прв вицепремиер, чија задача е да го следи развојот на Сибир и Далечниот Исток. Ова исто така може да биде поврзано со богат пензиски пакет со поволности.

Сергеј Лавров – министер за надворешни работи. Неговата состојба е слична со онаа на Шојгу со исклучок на можноста за вицепремиер за Сибир и Далечниот Исток. Алтернатива во неговиот случај би била шеф на Советот на федерацијата со исти пензиски поволности.

Сергеј Собјанин – градоначалник на Москва. Тој не е заинтересиран за јавна политика, не сака да се вклучува во активности за задоволување на народот и не е пријателски наклонет. Тотално е рамнодушен кон секакви високи позиции и кариера, не се плаши од никој и од ништо.

Позицијата на претставниците од блокот на безбедносните служби (секретарот на советот за безбедност Николај Патрушев, директорот на ФСБ Александар Бортников и директорот на националната гарда Виктор Золотов) не го одразува јавниот интерес, по природа не е независна и потекнува од влијателната и практичната цел на нивните оддели во системот на владеење на Путин.

Истото може да се каже за главните функционери во претседателската влада (шефот на кабинетот Антон Вајно, првиот заменик на шефот на кабинетот Алексеј Громов, портпаролот Димитриј Песков и државниот советник на Руската Федерација Андреј Белошов).

Каква ќе биде иднината за Русија? Вистинскиот статус во високите ешалони од власта ќе биде предодреден со назначувањето на нови лица од други, пониски владини кругови кои ќе ја водат државата по Путин. Со оглед на тоа што кругот на доверба е многу мал во рамки на руското општество, ова значи дека, без разлика дали е добра или лоша, ќе следи автоматска и радикална промена на елитата која ги носи клучните одлуки во владата.

Засега токму овие карактеристики на денешните „лидери“ го градат колективниот мандат од нивна страна за статус-квото, ги зачувуваат актуелните практики и го одржуваат Путин на неодредено време во власта. Ваквата стратегија гарантира, иако не со целосна сигурност, туку со поголема веројатност, зачувување на автономијата и заштитата на имотот, не само за нив, туку и за нивните роднини и пријатели.

За Путин, пак, е важна лојалноста на неговите вработени, сè додека таквата лојалност му носи корист, односно сè додека преку нив може ефикасно да ги реши прашањата во владеењето без истото да го наруши.

За напредок во Русија би биле потребни промени во кадарот, кои Путин ќе ги преземе, покрај неговата отворена аверзија кон реорганизацијата во редовите на неговите сопартијци што може да биде предизвикано од забележителен пад во статистичките и социолошките индикатори на актуелната состојба на руската економија и општество.

Превод: Билјана Здравковска