Поголемиот дел од Венецуела вчера се соочи со недостаток на електрична енергија. Достапност до струја немаа граѓаните на главниот град Каракас, кој беше во темнина поголемиот дел од денот, а набрзо потоа струјата беше изгасена и на други локации во земјата, информира Би-би-си.

Владата на претседателот Николас Мадуро ја обвини опозицијата за саботажа, во време кога тие поддржани од страна на САД и повеќе земји од Јужна Америка се обидуваат да го симнат од власт моменталниот претседател.

Мадуро го обвини лидерот на опозицијата и самопрогласен привремен претседател на Венецуела Хуан Гуаидо за обид за државен удар со помош на „империјалистите од САД“.

Гуаидо од друга страна рече дека прекинувањето на струјата предизвикува хаос и лутина кај населението, но и доказ за неефикасната работа на власта.
– Светлината ќе се врати кога Мадуро ќе ја отстапи власта – рече Гуаидо.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео исто така коментираше за ситуацијата и го обвини режимот на Маудро за некомпетентност.
– Нема храна. Нема лекови. Сега, нема струја. Следно е да го нема Мадуро – напиша Помпео на Твитер.

Недостатокот на струја предизвика летовите на аеродромот во Каракас да бидат пренасочени, а илјадници работници мораа пеш да се враќаат дома. Венецуела главно зависи од огромната хидроелектрична инфраструктура за домашно производство на струја, а не од своите нафтени резерви.

Која е позадината на политичката криза?

Мадуро ја презема власта кога неговиот ментор Хуго Чавез почина во 2013 година. Во изминатите неколку години, Венецуела доживеа економски колапс, со огромни недостатоци на храна и инфлација од 800.000 отсто минатата година.

Владата на Мадуро станува сè по изолирана и сè повеќе земји ја обвинуваат за економската криза, што предизвика повеќе од 3 милиони жители да ја напуштат земјата.

Гуаидо, кој е лидер на Националното собрание, се прогласи на привремен претседател на државата на 23 јануари и од тогаш е во директна борба со претседателот Мадуро.

Гуаидо е признат како привремен претседател на Венецуела од 50 земји во светот, но Мадуро ја има поддршката од неговите блиски сојузници, меѓу кои и Русија, Кина и Куба.