ФБИ интензивно трага по лицето или лицата што стојат зад експлозивните уреди испратени по пошта до Си-ен-ен и до истакнати личности од редовите на Демократската партија во САД. За три дена се откриени најмалку десет пакети, адресирани до повеќе лица, како милијардерот Џорџ Сорос, бившиот претседател Барак Обама, бившиот потпретседател Џо Бајден, бившата државна секретарка Хилари Клинтон и актерот и режисер Роберт де Ниро.

Властите успеаја да ги пресретнат сите пакети пред да стигнат до назначените цели. Ниту една бомба не експлодира и нема повредени лица. Извори од истрагата велат дека ФБИ вчера извршило претрес на пошта во Флорида и дека неколку пакети биле испратени од таа локација, јави Си-ен-ен.

Критичарите го обвинија американскиот претседател Доналд Трамп дека го поттикнал насилството со својата потпалувачка реторика, бидејќи бомбите се испратени до лица и организации што постојано се цел на негови напади. Трамп, пак, за запаливата атмосфера ги обвини „насилните“ медиуми.