Магазинот „Геополитика“ во својата анализа забележува дека меѓусебните обвинувања поврзани со конфликтот во Јужен Кавказ, кои глобалните велесили си ги упатуваа речиси секојдневно едни кон други, беа прецизно испланирани за да нема директни виновници. Сите случувања во регионот се одвивале според планирано сценарио на Москва и на Анкара договорено во минатото, со кое, меѓу другото, го истиснаа Западот во целост

Анализа на „Геополитика“

Без Русија и Турција, оружјето во конфликтот во Нагорно Карабах тешко дека ќе можеше да се замолчи. Договорот постигнат од лидерите на трите земји, Владимир Путин од Руската Федерација, Никола Пашинијан од Ерменија и Илхам Алиев од Азербејџан, не е ништо друго освен целосна воена победа за Азербејџан и еднаков пораз за Ерменија. Кога се мисли на воена победа на Азербејџан не се мисли на политичката, имајќи предвид дека Нагорно Карабах сè уште е под власт на Ерменците и дека неговиот правен статус допрва треба да се реши, а сето тоа може да трае со години. Туку се мисли на целата воинствена игра што се одвиваше според планираното сценарио од договорот што беше реализиран уште во 2011 година. Договор во кој беше вклучено и повлекувањето на ерменската армија од окупираните седум азербејџански региони околу Карабах, што всушност денес е „тампон-зона“ меѓу двете земји. Токму поради последното, Азербејџан се повлече од предлогот, не сакајќи воопшто да слушне за таквиот статус на Карабах. Но токму тоа се случува сега со овој нов договор, кој Баку го нарекува голема победа.

Москва и Анкара архитекти на новиот свет

Вакви констатации изнесува аналитичарот Зоран Метер во „Геополитика“ во текст посветен на последните случувања за превласт во глобалното влијание во Кавказот. Како што наведува магазинот, ваквите чекори на Анкара и на Москва со вмешување во состојбите во Нагорно Карабах ги прават овие две земји идните архитекти на новиот светски поредок. Имено, Русија на почетокот на конфликтот во Карабах беше изненадена од интензитетот на турската помош преточена во политичка, воена и дипломатска за Азербејџан. Ѝ требаше време на Москва да дефинира конкретни потези во таквите услови, земајќи предвид два суштински елементи, а тие беа одржување добри односи со Турција и со Азербејџан и истовремено обезбедувајќи целосност на нејзините национални интереси во Јужен Кавказ. Тоа, како што посочува „Геополитика“, беше она што всушност го стори Москва на крајот. Прво што треба да се истакне тука е дека овој договор е исклучиво производ на заедничко дејствување на Русија и на Турција. Форматот на т.н. Групата на ОБСЕ од Минск (составена од Русија, Франција и САД), која е надлежна за наоѓање решение за проблемот во Нагорно Карабах нема напредок веќе 30 години. Значи, вистинските победници сега се само Русија и Турција, кои заедно го истуркаа Западот (САД и ЕУ) од каква било комбинација што ќе им овозможи позначајна геостратегиска позиција за нив во многу важниот Јужен Кавказ. Според „Геополитика“, Москва и Анкара дополнително успеаја да го „исфрлат од игра“ и Иран, кој за време на оваа војна често ги рекламираше своите мировни иницијативи и ги „туркаше“ во областа, каде што низ својата долга историја (како Персиската Империја), до Првата светска војна, имаше големо влијание, притоа сакајќи повторно да се позиционира таму преку „трио“ со Русија и Турција. Сепак, и Анкара и Москва добро го знаеја ова и никогаш не им падна на памет да ја поделат тортата на три дела кога можат да ја преполоват, наведува магазинот.

Руски триумф

Според анализата на „Геополитика“, сепак најголемиот победник во овој конфликт (ако го исклучиме самиот Азербејџан како директно вклучена страна) во геополитичка смисла, секако е Русија. Тоа е така бидејќи многумина, кои воопшто не ја разбираат геополитиката, зачудено гледаа зошто Москва не сака да ја спаси Ерменија, имајќи предвид дека двете земји се воени сојузници. Чекорите на Москва беа такви бидејќи не можеше да дејствува зашто Ерменија не беше нападната, туку Азербејџан дејствуваше воено во рамките на своите меѓународно признаени граници. Москва знаеше што прави. Веќе воено исцрпени противници, со слаби економии – ако продолжеше конфликтот во Нагорно Карабах, веројатно ќе доведеше до војна во која немаше да има победник, а двете земји ќе беа уништени и фрлени назад 20 години. Па токму затоа беа едноставно принудени да потпишат мир. Во таквата слика Русија знаеше што прави, а за тоа сведочи и фактот дека истиот ден кога беше постигнат договорот, од Москва заминаа 20 транспортни авиони „ил-76“ со војници, воена опрема и хуманитарна помош за двете страни. Кога знаеме дека подготовките за испраќање мировници на операции во кризни жаришта од вакви размери траат со месеци, јасно е дека руското МО веќе подолго време активно се подготвувало за ваквото сценарио.

И Турција победник?

За крај, како што се истакнува во анализата на „Геополитика“, еуфоријата што ја зафати Турција истиот ден по нејзиното индиректно потпишување на мировниот договор преку Азербејџан, ја стави токму на комеморацијата на 82-годишнината од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерната турска држава. Реџеп Таип Ердоган, чија долгогодишна дипломатија започна со решавање на проблемот со Карабах, штотуку даде плод што сега и дефинитивно го стави на пиедесталот за најголем турски државник. Со тоа, како што наведува магазинот, Ердоган повторно ја докажа својата геополитичка мудрост, без разлика колку беше оспорувана од многумина. Во војната во Карабах, како и во Либија и во Сирија, Турција ја покажа силата на своето оружје, демонстрираше политичка решителност и ја зголеми својата репутација во смисла дека „никогаш не ги остава своите сојузници заглавени“, дури и во такви многу сложени геополитички околности како оние во Јужен Кавказ. Во однос на надворешнополитичките амбиции на Турција, Н. Карабах всушност е веќе решен и оди напред. Колку далеку, сè уште никој не знае. Но и покрај сето ова, Турција успеа да обезбеди продолжување на добрите односи со Русија, кои сè уште имаат големи изгледи, без оглед на бројот на мислења дека нивниот конфликт е неизбежен.