Рускиот претседател Владимир Путин го предложи Михаил Мишустин за премиерската функција, по оставката на Димитриј Медведев. Недоволно познатиот технократ сега ќе ја предводи руската влада

Новиот руски премиер Михаил Мишустин (53) не е сметан за политичар од висок профил во Русија, а неговата кариера воглавно беше технократска (технократ е човек со длабоки познавања од одредена област; што верува во приматот на технологијата – н.з), предводејќи ја Федералната даночна служба од април 2010 година, пренесува Дојче веле.

Тој беше и на чело на руската инвестициска компанија УФГ во 2008 година. Наспроти кариерата во даночната служба, Мишустин по струка е инженер, со што накратко беше ангажиран како експерт во полето на информатиката.

Мишустин е сличен со неговиот претходник Димитриј Медведев во прифаќањето на технологијата и се смета за заслужен за дигитализацијата на рускиот даночен систем.

Аналитичарот Глеб Павловскиј, кој е поранешен советник на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека Мишустин е „извонреден технократ, во најдобар смисол“, додека поранешниот законодавец од опозицијата Генадиј Гудков порача дека Мишустин е „безличен функционер без амбиција“ опфатен во „системот што е штетен за руската економија“.

Минатата година во разговор за весникот „Комерсант“ тој истакна дека Русија треба да ја прифати вештачката интелигенција и дигиталната технологија.

Љубовта кон хокејот на мраз, пак, им е заедничка со Путин, со што Мишустин честопати посетува хокеарски мечеви, а исто така е член на руската Федерација во хокеј на мраз.

Магазинот „Форбс“ го наведе новиот премиер како 54-ти најдобро платен државен службеник во 2015 година, со заработка од околу 2,7 милиони евра. Мишустин е оженет и има тројца синови.