По Втората светска војна, тогашниот американски претседател Хари Труман му понуди на Копенхаген 100 милиони американски долари за да го купи Гренланд, но одговорот беше негативен. Останува да видиме дали Доналд Трамп овој пат ќе понуди „посоодветна“ цена. Тој дури и ја откажа најавената посета на Данска, откако доби негативен одговор. Сигурно не е неважно (иако од правна гледна точка нема никакво значење) тоа што Данска е членка на ЕУ, која, исто како и Трамп, има глад за нови природни ресурси – пред сѐ за нафта и гас, но и во геополитичка смисла, имајќи го предвид фактот дека ЕУ настојува во блиска иднина да управува самостојно со сопствените вооружени сили и безбедност. Од друга страна, познато е дека Данска и Британија важат за најголеми американски сојузници од оваа страна на Атлантикот.
Еден од поновите докази за тоа е и упорното одбивање на Копенхаген да издаде службена територијална дозвола за премин на рускиот гасовод „Северен тек 2“, кој под водите на Балтичко Море би требало да ги спои рускиот и германскиот брег, преку данските водени површини

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговите советници ја разгледуваат можноста за купување на најголемиот светски остров Гренланд, објави неодамна американскиот весник „Волстрит џурнал“, кој се повика на своите извори од Белата куќа, предизвикувајќи бурни реакции во светот. Трамп веќе подолго време покажува голем интерес за овој остров, со кој управуваат неговите 56.000 жители, додека неговата надворешна и безбедносна политика се управувани од страна на данската држава. Имено, освен огромната стратегиска и геополитичка важност на овој северноатлантски остров, тој може да се пофали и со значајни природни ресурси, вклучувајќи и нафта. Како што наведува весникот, идејата за купување на Гренланд, Трамп првпат ја добил уште минатото лето. Меѓутоа, ова не е и прв американски обид за купопродажба на овој остров (ако до неа воопшто дојде): првиот ваков обид го направи Стејт департментот уште во далечната 1867 година, кој тогаш беше охрабрен од успешната зделка со купување на руската Алјаска. Последниот, пак, обид да се добие Гренланд се случи во 1946 година, за време на мандатот на Хари Труман, кога тој понуди 100 милиони американски долари за островот.
Сепак, очигледно е дека Данска не размислува исто како тогашна царска Русија или, поточно кажано, барем досега не размислуваше така. Всушност, Трамп дојде на оваа идеја откако беше информиран за финансиските проблеми на Данска во врска со исплатата на субвенции за Гренланд. А тие не се мали, напротив, изнесуваат 591 милион долари на годишно ниво.
Според американскиот весник, Трамп дури побарал и правни совети за спроведување на овој проект. Меѓутоа, ставовите за сериозноста на неговата намера се многу поделени. Според мислењето на едните, Трамп не размислува сериозно за оваа идеја, туку станува збор само за една од неговите шеги. Другите, пак, сметаат дека не е сосема јасно неговото фокусирање на ова прашање.

– Иако јас лично, кога се работи за ваков спор, си дозволувам да кажам дека овде никако не станува збор за „шегаџиство“ и несериозност во намерата на Трамп, а уште помалку за „лудило“, како што идејава беше окарактеризирана од страна на одделни дански политичари и некои светски медиуми – истакнува во својата колумна Зоран Метер, аналитичар на „Геополитика“.
Властите во Копенхаген првично не излегоа со официјална реакција на оваа вест, за разлика од голем број дански политичари, а првично молчеше и новата премиерка од редовите на социјалдемократите Мете Фредриксен. Трамп треба во почетокот на септември да ја посети Данска, но тој ја откажа посетата поради негативните реакции на неговиот предлог. Сепак, самата коинциденција за ваквата објавена вест токму пред претстојната посета на Трамп на Данска е навистина симптоматична, па тешко дека се работи за обична случајност (иако, ако од сево ова не излезе ништо, веројатно ќе биде сметано за случајност, без никакви штетни политички последици за двете преговарачки страни).

Богатите природни ресурси на Гренланд

Формално, Гренланд ѝ припаѓа на Данска, но има и сопствени државни институции, како што е Министерството за надворешни работи. Токму неговите функционери, откако американските и британските медиуми ги објавија плановите на Трамп да го купи Гренланд, решително изјавија дека островот не може така едноставно да се стави на продажба.
– Гренланд е богат со разни природни богатства, како што се рудите, чистата вода и мразот, неколку вида риби, биоресурсите и обновливата енергија. Тој е новата зона за екстремен туризам. Ние сме отворени за секаков бизнис, но не сме на продажба – реагираа од МНР на Гренланд.
Поголемиот број жители на најголемиот остров во светот живеат на неговиот брег, пребогат со фјордови, на кој нема ледници. Гренланд има и сопствен годишен буџет во износ од 985 милиони долари, при што од Данска добива субвенции во висина од 591 милион долари, со што се покрива приближно 60 проценти од вкупниот буџет.
Од друга страна, неговата надворешна политика и безбедност се под капата на Данска, независно од службеното постоење на неговите (полу)државни институции. Природните ресурси на Гренланд се огромни, но засега тешко може прецизно да се проценат. Американските геолози проценија дека нафтените резерви на Гренланд изнесуваат околу 17,5 милијарди барели, додека оние на земјен гас се во висина на 148,2 трилиони кубни метри. Во текот на 2000 година, локалните власти на Гренланд почнаа со издавање лиценци за нафтени компании, така што досега имаат издадено дури 23 вакви дозволи за експлоатација. Најактивна во овој бизнис е британската „Керн енерџи“, но свој дел од профитот сакаат да добијат и „Шел“, „Шеврон“, „Маерск“ и други енергетски компании, иако вадењето нафта е многу отежнато поради лошите климатски услови. Но, во секој случај, главниот природен ресурс на Гренланд денес е рибата: морските плодови учествуваат со дури 87 отсто од вкупниот годишен извоз, што изразено во пари изнесува 280 милиони долари.

Геостратегиско и геополитичко значење на Гренланд

Освен што претставува своевидна климатска „кујна“ на Европа, овој остров има и големо геостратегиско значење, пред сѐ во зоната на Арктикот, која токму последниве години повторно стана предмет на меѓусебен натпревар помеѓу светските сили (пред сѐ на Русија, САД и Кина). Причина за тоа е Северниот морски пат, кој во голема мера го „скратува“ морскиот превоз од Далечниот Исток кон Атлантски Океан, кој, пак, станува сѐ поактуелен во светлото на климатските промени, глобалното затоплување, кои доведуваат до намалување на вкупната ледена површина на Арктикот.
Со оглед на овие факти, треба да се нагласи дека токму стратегиската важност на Гренланд, а не неговите природни ресурси (без оглед на нивната примамливост), всушност е главната причина за толкавиот американски интерес за купување на островот. Ова можеби најмногу се однесува на Кина, која последниве години искажа особен интерес за вложувања на Гренланд, впрочем, исто како што тоа го прави во однос на блискиот Исланд. Покрај сево ова, познато е дека САД и Данска во 1951 година склучија меѓусебен договор во одбранбената сфера, кој им овозможи на Американците користење на воздухопловната база Туле, сместена на северот од Гренланд. Всушност, се работи за најсеверната американска воена база на планетава.

Богатото американско искуство за купување странски територии

Сепак, постојат аналитичари што сметаат дека суштината на негативниот одговор за понудата на Трамп би се криела единствено во висината на цената. Притоа, тие се повикуваат на фактот дека во 1917 година САД ја купија тогашната данска Западна Индија за 25 милиони долари. Се работеше за данска колонија во архипелагот Мали Антили, источно од Порторико. Потоа таа го смени името во Американски Девствени Острови. А дека САД веќе имаат добро разработена историска практика за проширување на своите територии по пат на купување туѓи, докажуваат следниве податоци: во 1848 година, како последица од војната, САД успеаја да купат големи мексикански територии за 15 милиони долари (Калифорнија, Аризона, Невада); во 1867 година ја купија Алјаска од Русија за 7,2 милиони долари; во 1917 година веќе споменатите Девствени Острови од Данска. А доказ за прагматичното и далекосежно американско размислување е можеби токму „златниот“ пример за купување на Алјаска. Од 1880 година до 2008 година таму се ископани дури 390 тони злато, во вкупна вредност од 4.400.000.000 долари.
Сходно на тоа, во денешниве глобални геополитички околности (како и во оние од времето на Студената војна и СССР), не е тешко да претпоставиме што би значело за Русија да може сега да ја контролира „источната порта“, т.е. Беринговиот Теснец, а да не зборуваме дека ако не ја продадеше Алјаска, освен што е европска и азиска, сега таа би била и американска држава, значи држава дури на три континенти, посочуваат од „Геополитика“.

Сѐ зависи од Данска

По Втората светска војна, 33-от американски претседател Хари Труман му понуди на Копенхаген 100 милиони долари за да го купи Гренланд, но одговорот беше негативен. Останува да видиме дали Доналд Трамп овој пат ќе понуди „посоодветна“ цена. Тој дури и ја откажа најавената посета на Данска, откако доби негативен одговор. Сигурно не е неважно (иако од правна гледна точка нема никакво значење) тоа што Данска е членка на ЕУ, која, исто како и Трамп, има глад за нови природни ресурси – пред сѐ, за нафта и гас, но и во геополитичка смисла, имајќи го предвид фактот дека ЕУ настојува во блиска иднина да управува самостојно со сопствените вооружени сили и безбедност. Од друга страна, познато е дека Данска и Британија важат за најголеми американски сојузници од оваа страна на Атлантикот.
Еден од поновите докази за тоа е и упорното одбивање на Копенхаген да издаде службена територијална дозвола за премин на рускиот гасовод „Северен тек 2“, кој под водите на Балтичко Море би требало да ги спои рускиот и германскиот брег, преку данските водени површини.
Во секој случај, наскоро ќе откриеме дали Данска ќе се однесува исто како и царска Русија, која за „ситни пари“ им ја продаде на Американците тогашната територија на Алјаска. Овде е важно да се нагласи и дека надворешнополитичките амбиции или аспирации на Данска не се ни приближно слични со оние на САД, Русија или Кина. Од друга страна, никогаш не се знае што носи иднината и што може да се промени во светски рамки (најдобар пример за тоа е продажбата на Алјаска, за чии геополитички последици тогаш не беа свесни ниту Москва ниту Вашингтон). Сепак, Гренланд за Данска е нешто сосема друго во споредба со она што ѝ значеше малиот островски архипелаг во Карипско Море, наречен Западна Индија, и затоа се толкави сегашните негативни реакции.