Борис Николиќ (лево) во друштво на Бил Гејтс

Финансиерот Џефри Епстајн назначил резервен извршител на неговиот тестамент, пред даизврши самоубиство во затворска ќелија, откако неодамна беше притворен под обвинение дека бил вмешан во педофилски секс-скандал.

Тоа е Борис Николиќ, поранешен советник на Бил Гејтс кој има потекло од Хрватска. Николиќ бргу се оградил од назначувањето на Епстајн велејќи дека е шокиран од ова и дека никој не го консултирал за целата ситуација. Тој додава дека воопшто нема намера да ги исполни обврските на извршител на тестаментот.

Николиќ исто така рече дека Епстајн никогаш не го финансирал, а нивната врска останува нејасна, пренесува „Дејли мејл“.

Во 2015 година Николиќ и Бил Гејтс ја основаа „Едитас медицин“, фирма за уредување геноми во вредност од 120 милиони долари.

Во тестаментот на Епстајн се спомнуваат четири лица. Неговиот брат Марк, долгогодишниот пријател Ричард Кан, адвокатот Дарен Индајк како извршители на тестаментот. Тој го навел Николиќ како резерва.

Богатството на Епстајн се проценува на повеќе од 577 милиони долари, речиси 20 милиони повеќе од вредноста што тој ја пријави минатиот месец.