Кој го пуштил гангстерот Вајти Балџер во змиското дувло?

Федералното истражно биро (ФБИ) ја испитува можноста за втор осомничен за убиството на бостонскиот гангстер Џејмс Балџер – Вајти (89), кој беше претепан до смрт во затворот со максимално обезбедување „Хазелтон“ во Западна Вирџинија, во вторникот, пишува „Бостон глоуб“.

Властите го сомничат Пол Деколоџеро (44) од организираната криминална група Норт шор, кој наводно, ја извршил ликвидацијата заедно со Фотиос Гиас (51), познат како Фреди, претепувајќи го Вајти Балџер со чорапа во која бил ставен метален катанец.  Гиас е поранешен убиец на мафијата кој отслужува доживотна казна за две убиства. Тој и Деколоџеро немале претходна криминална поврзаност, туку се запознале во затворот. 

Присуството на Деколоџеро, Гиас, како и на уште еден член на организираниот криминал Пол Видик, во истата казнена установа, покрена прашања околу сместувањето на Балџер, односно зошто тој не бил ставен во изолација настрана од другите осуденици, откако стигнал од друг затвор, од Флорида. Ваквата практика требала да биде спроведена додека затворската управа не утврди кој од осудениците би можел да претставува закана за бостонскиот гангстер. Убиството се случило 11 часа по преместувањето на Балџер во затворот „Хазелтон“.

Бројни затворски чувари, адвокати и претставници на власта и претходно предупредуваа за опасните услови во озлогласената казнена установа која го добила прекарот „планина на мизеријата“. Убиството на Балџер е трето во последните шест месеци во затворот „Хазелтон“.

Казнената установа „Хазелтон“ е позната под прекарот „планина на мизеријата“

Познаниците на Гиас открија дека тој чувствувал голема омраза кон Балџер, за кој сметал дека помогнал за негов пријател да биде „наместен“ за убиство. Гиас го признал учеството во ликвидацијата на Балџер, кој бил во инвалидска количка во затворот, но истакнал дека не ја извршил сам. Мотивот за можното учество на Деколоџеро не е познат, но и тој бил сместен во затвор откако негови соработници сведочеле за властите. Деколоџеро отслужува 25-годишна затворска казна за рекетарство и за влијаење на сведоци.

Балџер беше водач на озлогласената банда од јужен Бостон во периодот помеѓу 70-те и 90-те години на минатиот век, како и доушник на ФБИ од 1975 година. Двојниот живот му овозможил да избегне апсење, преку подмитување на корумпираните агенти на ФБИ. Но тој, сепак, беше уапсен во 2011 година по 16 години во бегство, со што набргу беше осуден на две доживотни казни плус пет години, врз основа на обвинението кое опфаќаше 11 убиства, како и изнуда и рекетарство.

Насилниот живот на мафијашот претставуваше инспирација за ликот на Френк Костело, кој го глумеше Џек Николсон во филмот „Покојните“ на Мартин Скорсезе. Во биографскиот филм „Црна миса“, пак, Џони Деп го толкуваше ликот на Балџер.