Пресечен е подводен кабел за интернет, кој со мрежата снабдува 22 земји.

Цела Мавританија останала два дена без интернет. Станува збор за подводниот кабел АЦЕ (African Coast to Europe), долг 17.000 километри што минува крај африканскиот и европскиот брег и поврзува 22 држави на потегот од Јужноафриканската Република до Франција. Кабелот бил пресечен на 30 март.

Како што пренесуваат медиумите, без интернет останале жителите на Брегот на Слоновата Коска, Сенегал, Екваторијална Гвинеја, Гвинеја и уште неколку африкански држави, а најтешко било во Мавританија, каде што мрежата била исклучена 48 часа.

И натаму не е јасно кој го пресекол кабелот, а според „Бизнис инсјдер“, се претпоставува дека за тоа е виновна владата на Сиера Леоне, која се обидела да влијае на исходот на изборите ноќта меѓу 31 март и 1 април, така што на своите жители им го оневозможи пристапот до интернет.