Касем Сулејмани (62) кој загина во американските воздушни напади врз Багдад, извршени по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, беше една од највлијателните личности на Средниот Исток и можен кандидат за следниот претседател на Иран. Но, лидерот на силите „Кудс“ на иранската Револуционерна гарда, сепак, важеше за матен лик, надвор од регионот што тој го преобликуваше, пренесува „Гардијан“.

– Тој беше поважен од претседателот, им се обраќаше на сите фракции во Иран, имаше директна линија до врховниот водач и ја предводеше иранската регионална полиција. Не можеше да биде поважен и повлијателен – вели Дина Есфандијари, од тинк-тенкот „Сенчури фондејшн“.

Силите „Кудс“ се задолжени за ширење на влијанието на Иран во странство, во што Сулејмани имаше голем успех во изминатите две децении. Во хаосот што успеди по американската инвазија врз Ирак во 2003 година и по сириската револуција во 2011 година, Сулејмани виде прилика, за да создаде проирански сили кои се протегаа низ регионот од Либан до Јемен.  

До падот на ирачката влада во 2003 година, Сулејмани беше на чело на силите „Кудс“ и обвинуван за спонзорирање на шиитските милициии во Ирак. Се смета дека тој водеше „војна од сенка“ со САД заради стекнување на влијание врз новото ирачко водство.

Протекувањето на дипломатските преписки ја покажува моќта на влијанието на Сулејмани во Ирак – помагајќи го водењето на битката против Исламска држава, принудувајќи го тогашниот министер за транспорт да им овозможи на иранските авиони да прелетаат преку Ирак со оружје за Сирија и поминувајќи време со претставниците на владата.

Сулејмани беше клучен човек за згаснување на уличните протести во Иран во 2009 година. А избивањето на немири во Либан, Ирак и во Иран во изминатите месеци повторно го загрозуваше неговото влијание стекнато во текот на последните две децении. Тој беше обвинуван за насилното справување со протестите во Багдад.

Осумнаесет месеци пред неговата смрт Сулејмани издаде јавно предупредување до американскиот претседател Доналд Трамп. 

– На господинот Трамп, коцкарот, вам ви велам, знајте дека сме блиску до вас, на местото каде што мислите дека не сме. Вие ќе ја почнете војната, но ние ќе ја завршиме – порача тогаш Сулејмани.