Кинеските власти им се заканија на САД со „сериозни последици“ ако апсењето на потпретседателката и главна финансиска директорка на „Хуавеи“, Менг Ванжу (46), не биде поништено, пренесува „Бизнис инсајдер“. Менг беше приведена во Канада на 1 декември, на барање на САД, поради сомневање дека ги прекршила трговските санкции кон Иран. Таа моментно се соочува со екстрадиција во САД.

Потенцијалното влијание на апсењето врз тензичната трговска војна помеѓу САД и Кина го привлече вниманието медиумите, но Менг Ванжу е релативно непозната за поголемиот дел од светската јавност.

Кинеската, која зазема една од водечките позиции во компанијата вредна повеќе милијарди долари, е ќерка на основачот на „Хуавеи“, Рен Женгфеи, од неговиот прв брак. Нејзиниот татко ги отфрли шпекулациите дека таа би можела да биде негова наследничка во „Хуавеи“, велејќи дека „ниту еден од членовите на семејството не ги поседува потребните карактеристики, со што нема да се најдат меѓу потенцијалните наследници“.

Нејзиниот татко Рен Женгфеи ги отфрли шпекулациите дека Менг би можела да го наследи во „Хуавеи“

Менг е родена во Ченгду, Кина. Нејзиното семејство се преселило во Шенжен, сегашното седиште на „Хуавеи“, во 80-те години на минатиот век. Несудената наследничка која има факултетска диплома по сметководство, се вработила како секретарка во „Хуавеи“ во 1993 година, за набргу да напредува во компанијата. Менг е мажена за кинескиот бизнисмен Лиу Сиаозонг, со кого имаат четири ќерки. Вредноста на богатството кое го поседуваат се проценува на преку 20 милиони долари.

Американското обвинителство тврди дека Менг се обидела да ги прикрие врските на „Хуавеи“ со компанија што сакала да продаде опрема на Иран. Кинеската, наводно, страда од бројни здравствени проблеми, поради што нејзините адвокати бараат да биде ослободена со кауција.

Богатството на Менг и на нејзиниот сопруг се проценува на 20 милиони долари