Автор: Лук Мекги

Си-ен-ен

Борис Џонсон реши да ја ризикува својата кариера за брегзит. Многупати претходно им докажа на неговите критичари дека не се во право. Кога летоска првпат застана на чело на Конзервативната партија, општото мислење беше дека поради блокираниот парламент неизбежни се нови избори. Многумина веруваа дека ниедна партија повторно нема да може да формира мнозинска влада и дека единствениот начин за да се откочи процесот за брегзит е нов референдум. Според сегашната состојба нема да има потреба од таков чекор.

Откако стана премиер, Џонсон успеа да им пркоси на сите скептици. Му рекоа дека не може да добие нов договор за брегзит, но тој успеа во намерата. Му рекоа дека парламентот ќе ги блокира неговите обиди за одржување на нови парламентарни избори, што секако заврши неуспешно. Му рекоа дека ако стави сè на коцка за да го спроведе брегзит, нацијата ќе се подели. Нормално тоа не се случи.

Во текот на кампањата го обвинуваа дека лажел, се криел од медиумите и дека со презир гледал на политичарите и кон јавноста. Беше критикуван дека водел неамбициозна и монотона кампања, со речиси празна политичка програма. Сепак, се чини дека на крајот таа се покажа како успешна. Еден од најголемите проблеми за Конзервативната партија беше да се победи со тесно мнозинство, што значеше дека Џонсон ќе требаше сам да ги води тешките внатрешни партиски политики кога ќе треба да се решава идната врска со Европската Унија.

Но овие резултати значат дека Џонсон ќе биде најмоќниот премиер откако Тони Блер и неговата Лабуристичка партија победија со огромна разлика во 1997 година. Ова има неколку значења.

Прво тој ќе може да ги спроведе договорот за брегзит преку парламентот, без понатамошно одложување и со тоа Британија ќе може да излезе од ЕУ, барем на хартија, до крајот на јануари идната година. Второ, тој ќе може сам да ја води државата. Така, нема да има потреба широко да се потпира на екстремите во неговата партија, како што се тврдокорните поддржувачи на брегзит од Европската истражувачка група од десницата, како и меките поборници за останување во Унијата кои тежнеат кон центарот. Ниту ќе има потреба да се пазари со тврдокорните од Демократската унионистичка партија на Северна Ирска, кои се вклучија во владата на неговата претходничка Тереза Меј и тогаш гласаа против нејзиниот договор за брегзит.

Широко мнозинство ќе значи дека Британците ќе дознаат всушност каков премиер ќе биде Борис Џонсон. Дали ќе биде либерална и пријателски наклонета верзија која лондонците ја познаваат кога беше градоначалник на главниот град? Дали ќе биде моќна, евроскептична верзија која ја водеше кампањата за излез од Унијата на референдумот од 2016 година?

Џонсон зборуваше многу за тоа како ќе го спроведе брегзит и како ќе ја обедини поделената нација со неговата либерално-конзервативна програма за единство. Се чини дека првиот дел од планот се оствари. И покрај тоа што никој не веруваше, сега речиси ништо нема да му го попречува патот за да го оствари својот план.

Превод: Билјана Здравковска