Европската Унија е единствена околу венецуелското прашање и покрај различните тонови на земјите членки, изјави денеска портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчич.

Како што јави дописничката на МИА во Брисел, запрашана за разликите во изјавите на земјите членки на ЕУ околу Венецуела, Коцијанчич укажа на заедничката декларација на Унијата, објавена во текот на овој викенд, во која се бара во најбрз можен рок да се одржат нови „фер, слободни и кредибилни избори“ во земјата и дека во спротивно ЕУ „ќе преземе мерки во однос на признавањето на лидерството“.

Спикерот на венецуелското Национално собрание, опозиционерот Хуан Гуаидо во четвртокот се прогласи за времен венецуелски претседател на местото на шефот на државата Николас Мадуро, кој беше избран на таа функција минатата година, на избори бојкотирани од опозицијата и чии резултати беа оспорени од дел од меѓународната заедница, пред се од западните земји.

САД и десетина американски земји го признаа Гуаидо за претседател, додека други, како Русија, Кина, Иран, Турција и Куба, го поддржуваат Мадуро.

Европските земји пак се поумерени и ниту една земја до сега не зазема радикален став кон Венецуела, која со година поминува низ страшна хуманитарна, економска и социјална криза.

Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе имаат неформален состанок на крајот на оваа недела,а како што најави Коцијанчич, Венецуела ќе биде една од главните точки на дискусија в четврток.

– Потребна е акција, статусот-кво е неиздржлив, очекуваме јасен сигнат од властите, итноста доаѓа од влошената економска и социјална ситуација и хуманитарната криза – рече портпаролката на Могерини.

Запрашана за изјавите од Германија и Франција, кои се поостри од други земји членки на ЕУ, Коцијанчич рече дека „сите 28 земји членки се обединети, даваат целосна поддршка на Националното собрание и повикуваат на фер и кредибилни избори“.

ЕУ очекува Каракас да се изјасни во следните осум дена дали ќе одржи избори.

– Во отсуство на најава за избори со потребните гаранции во наредните денови ЕУ, ќе преземе мерки вклучувајќи и за признавањето на лидерството во согласност со членот 233 од венецуелскиот Устав – порача Коцијанчич.