Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич денеска ги предупреди Приштина и Тирана дека имаат обврска во целост да ги почитуваат одредбите од Спогодбата за асоцијација и стабилизација кои се однесуваат на коректно управување со границите.

– И Косово и Албанија се обврзаа на коректно управување со границите и граничните премини, со целосно почитување на условите кои произлегуваат од Спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ. Ние очекуваме тие да се однесуваат во согласност со тоа, порача Коцијанчич.

Во соопштение доставено до Танјуг, по повод повикот на директорот на Канцеларијата за Косово Марко Ѓуриќ, Брисел да се изјасни за најавата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај за отворање на границата меѓу Косово и Албанија од Нова Година, Коцијанчич вели дека ЕУ вообичаено „не коментира коментари“, но и истакна дека „во момент кога претседателите Вучиќ и Тачи ја продолжуваат работата во рамките на дијалогот, неопходно е да се избегнат сите провокативни (или оние кои звучат така) изјави или акции“.