Претседателот на косовското Собрание, воедно и лидер на Демократската партија на Косово (ПДК), Кадри Весели, најави дека од идната недела ќе започне лобирањето за поддршка на укинувањето на визите за граѓаните на Косово во Европа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Весели објави дека овие активности косовските власти ќе ги реализираат заедно со опозицијата.

– Од идната недела, придружуван од претставниците на политичките партии во Собранието на Косово, владејачки и опозициски, ќе почне турнејата за лобирање низ европските центри, за да се побара поддршка за либерализацијата, како и за да се гарантира дека нашите граѓани ќе ги почитуваат во целост процедурите кои ги предвидува програмата за слободно движење во зоната на Шенген, напиша Весели на Фејсбук.

Косовските лидери најавуваат дека либерализацијата ќе се случи до крајот на годината, а Европската комисија треба да го објави извештајот за напредокот на Косово во првите две недели на јуни.