Извештај на Глобалниот барометар за поткупливост (ГЦБ)

Податоците на истражувањето на Глобалниот барометар за корупција изнесуваат загрижувачки заклучоци, кои велат дека една третина од граѓаните на државите на ЕУ мислат дека корупцијата е во подем во нивните земји, а таа е најзастапена во политиката, економијата и во правосудството

Речиси една третина од Европејците сметаат дека корупцијата и поткупливоста во нивната земја се зголемуваат. Ова, меѓу другото, го наведува последниот извештај на Глобалниот барометар за корупција (ГЦБ) при „Транспаренси интернешенел“, кој посочува дека 62 отсто од испитаниците оценуваат дека корупцијата во нивните влади претставува голем проблем за блокот.

Според истражувањето, во кое се опфатени 40.600 граѓани од 27-те земји-членки на ЕУ, истовремено, се истражува колкава е перцепцијата за корумпираност на одделни општествени сфери, како политика, економија, правосудство и цивилно општество. Притоа, како што наведува германски „Дојче веле“, најниски се бројките околу размислувањата за корупција во општеството во Данска (12 отсто) и во Финска (16 отсто), а највисоки во Бугарија (90 отсто) и во Хрватска (92 отсто).

Понатаму анализата покажува дека една половина од испитаниците се уверени дека нивните влади не преземаат доволно мерки против корупцијата. Седум проценти од испитаниците одговориле дека во изминатите 12 месеци дале пари за поткуп со цел да стигнат до јавни услуги како што се здравствена нега или образование. Во апсолутни бројки и пренесено на ниво на цела ЕУ, тоа би биле околу 18 милиони луѓе.
Документот на ГЦБ наведува дека само во Германија 26,4 отсто од граѓаните се уверени дека корупцијата во 2020 година се зголемила, а 38,5 отсто се на мислење дека Владата лошо или многу лошо се бори против корупцијата. Во текот на изминатите 12 месеци, 3,2 отсто од испитаниците дале поткуп за да стигнат до јавни услуги, а 21,1 отсто од испитаниците се послужиле со лични врски за да дојдат до некаква јавна услуга. Во исто време довербата во сојузната влада е во основа голема и таа изнесува 79,1 отсто, но 34,3 отсто од испитаниците сметаат дека проблем претставува корупцијата во рамките на Владата. Сепак, општ впечаток е дека сојузната влада е под влијание на големи лобистички групи, за што речиси 61,6 отсто од испитаниците го делат тоа мислење. Компаниите поткупуваат или се служат со врски за да стигнат до јавни проекти, уверени се повеќе од половина од германските граѓани

Што се однесува до правосудството во Германија, довербата е процентуално повисока и таа изнесува 85,8 отсто (од тоа 49,1 отсто имаат голема доверба), а така е и со довербата во полицијата, каде што 90,7 отсто од Германците имаат голема доверба во органите на редот.

Од друга страна, според извештајот, алармантни се резултатите за перцепцијата за корупција во германската економија, па така дури 34,9 отсто од испитаниците сметаат дека раководните лица во економијата се вмешани во корупција. Дополнително 57,5 отсто од испитаниците одговориле дека се на мислење оти компаниите плаќаат пари или со врски добиваат јавни проекти. Десет проценти од Германците се убедени дека повеќето невладини организации се вмешани во корупција во земјата.
Според пишувањата во медиумите, слични се размислувањата за поткупливост и во преостанатите земји од еврозоната. Последните случаи со хрватските министри со сомнителни финансиски трансакции покажуваат дека Владата, и покрај сите антикорупциски програми, не успева да се спротивстави на оваа појава и сѐ останува на теоретски најави.

Паралелно на ова, бугарската јавност периодов е растресена од воведувањето на санкциите од страна на САД за шест лица од политиката и безбедносните служби, од кои тројца се многу влијателни личности и сите се вмешани во коруптивни скандали. Како што пишуваат бугарските медиуми, сите нив администрацијата на Џо Бајден ги обвинува за висока корупција. Ова дополнително ќе ја измеша политичката сцена во Бугарија пред изборите на 11 јули, иако американските претставници наведуваат дека немале таква намера.
– Фокусот ни е корупцијата – изјави американската амбасадорка во Софија Херо Мустафа неодамна за бугарските новинари.
Инаку, во Софија изминатиов период беше присутен високиот функционер на Министерството за финансии на САД, Пол Ахерн, кој имаше цел да ги посочи проблемите со поткупливост на високите политички елити во бугарското општество.