Македонија е на линијата на држави што ќе имаат голем удар од сиромаштија, а тоа е болно прашање со кое ќе се занимава државата во периодот што претстои откако ќе попушти пандемијата. Сосема е јасно дека оваа светска пандемија најмногу удри по сиромашните, но и по таканаречената средна класа. Ова е сублимат од двата извештаи на иста тема од Институтот за јавно здравје, но и Светската банка, во кои меѓу другото се оценува дека борбата против сиромаштијата на глобално ниво е уназадена поради ковид-19.
Според извештајот од Институтот за јавно здравје, во текот на минатата година пандемијата на ковид-19 што го зафати светот резултира со 3,7 милиони смртни случаи и го врати чекор назад деценискиот напредок во борбата против сиромаштијата и бездомништвото.
Слично на Институтот за јавно здравје, и извештајот на Светската банка за влијанијата на ковид-19 врз сиромаштијата посочува дека меѓу 71 и 100 милиони луѓе во светот се туркаат во сиромаштија како резултат на кризата. Мнозинството од новите екстремно сиромашни се наоѓа во Јужна Азија и супсахарските земји, каде што стапките на сиромаштија од поодамна се на високо ниво. Во 2021-та се очекува овој број да се искачи помеѓу 143 и 163 милиони.

Регионот бележи раст на невработеноста

Од македонска перспектива на случувањата на оваа тема, интересно е да се спомене дека и во земјава се бележи драстичен скок на цените на основните прехранбени продукти неопходни за живеачка, наметнати од глобалната инфлација и пандемијата. Па, така, според Сојузот на синдикати на Македонија потрошувачката кошничка во земјава во јули достигнала 34.128 денари, а во неа не се предвидени трошоци за автомобил, ниту пак за рекреација, образование или посета на ресторани.
Тоа, според експертите, значи дека четиричлено македонско семејство едвај го крпи месецот во однос на примањата што се бележат во државата.
Коментирајќи ги светските економски случувања и растот на бедата на глобално ниво, универзитетскиот професор Лазар Јовевски вели дека пандемијата има двократно негативно влијание врз зголемувањето на сиромаштијата како на Балканот така и во Македонија.
– Прво, пандемијата придонесе за зголемување на невработеноста, што директно имплицира на намалување на куповната моќ на граѓаните, односно на луѓето што останаа без работа. Покрај ова, како второ негативно влијание на пандемијата врз осиромашувањето е трендот на растот на цените во малопродажбата, со што дополнително се намалува куповната моќ на граѓаните. На тој начин сиромаштијата во Македонија сѐ повеќе станува состојба за голем број граѓани отколку исклучок – објаснува професорот Јовевски.

Пандемијата економски го врати човештвото наназад

Паралелно на ова, Светската банка во мај годинава објави извештај за оваа проблематика, посочувајќи дека над 55.000 луѓе во Македонија може да западнат во сиромаштија. Според нивните прогнози, ќе се зголеми и бројот на сиромашни вработени за два-три пати. Сиромаштијата ќе се врати на нивото од пред 2017 година, па дури и од пред 2015 година.
– Симулациите предвидуваат стапката на сиромаштија да порасне од околу 17 проценти во 2019-та до околу 20-23 проценти во 2020 година и од 55.000 до над 130.000 граѓани на Македонија (во зависност од тоа дали кризата ќе трае еден или два квартала) би западнале во сиромаштија – стои во извештајот на Светската банка. Р.З.