Пациент заразен со коронавирус во градот Падова, на северот на Италија, почина, со што стана прва жртва на вирусот во Италија, но и во Европа.

Во северниот регион Ломбардија се регистрирани 15 заразени со коронавирус, а два случаи има во Венето, каде што се наоѓа Падова.

Мажот кој починал имал 78 години, пренесе агенцијата „Анса“.

Градските власти во овие региони апелираа граѓаните да останат дома, додека сите јавни активности, како карневалски прослави, црковни миси и спортски настани, се забранети до една недела. Улиците во 10 градови се опустошени, а јавните објекти се затворени.

Во Касалпустерлинго, пред градското собрание е поставена електронска табла со порака: „Коронавирус: апел до населението да остане на затворено како претпазливост“.

Првиот град во кој беа затворени повеќето продавници како и јавни објекти е Кодоњо, со население од 15.000, каде што три лица се заразени со вирусот, вклучувајќи 38-годишен маж и неговата сопруга, која е осми месец бремена.

Градоначалникот на Кодоњо, Франческо Пасерини, рече дека веста за случаите предизвикала тревога низ целиот град кој се наоѓа јужно од Милано.

Италијанскиот премиер, Џузепе Конте, изјави дека сè е под контрола и истакна дека владата одржува екстремно високо ниво на претпазливост.


СЗО: Земјите мора да дејствуваат брзо пред да биде предоцна

Шансите за сузбивање на ширењето на епидемијата на коронавирусот во светот се намалени, предупреди Светската здравствена организација (СЗО), нагласувајќи дека земјите мора да дејствуваат брзо доколку сакаат да ја преземат контролата.

Запрашан дали епидемијата ќе се шири уште, откако во Иран и во Либан беа пријавени нови случаи и смртни случаи од ХОВИД-19, генералниот директор на СЗО, Тедрос Адан Гебрејесус, рече дека тој се уште верува дека вирусот може да биде потиснат, но додаде дека можностите за тоа се намалуваат.

– Треба да дејствуваме брзо пред да останеме без шанса. Епидемијата би можела да се движи по кој било пат. Ако постапиме правилно, можеме да избегнеме посериозна криза, но ако ја пропуштиме можноста, ќе имаме сериозен проблем – рече Тедрос, пренесува „Ројтерс“.