Светските експерти стравуваат дека бројот на заразени е многу потценет и оти кинеските власти не реагирале доволно брзо за да го запрат ширењето на вирусот или да ја едуцираат јавноста во земјата. Светските медиуми пренесуваат дека сегашната епидемија се проширила и во Тајланд, Јапонија и во Јужна Кореја

Кинеските власти потврдија дека се регистрирани првите случаи на пренесување на мистериозниот коронавирус од човек на човек, со што дополнително се зголемија стравувањата за опасноста од голема епидемија, додека милиони Кинези почнаа со патувањата за Кинеската нова година. Жонг Наншан, шефот на националниот тим што ја истражува епидемијата, изјави дека во провинцијата Гуангдонг се откриени два случаи на инфекција со коронавирус помеѓу луѓе, а меѓу заболените се и медицински власти. Досега во Кина се забележани и неколку смртни случаи предизвикани од опасниот вирус, а Светската здравствена организација (СЗО) за денеска закажа итна седница, на која ќе биде донесена одлука дали епидемијата претставува вонредна ситуација на меѓународно ниво, пренесува „Гардијан“.

Првите случаи на заболени со коронавирус беа откриени минатиот месец во градот Вухан во централна Кина, а кинеското министерство за здравство соопшти дека досега се регистрирани случаи и во Пекинг, Шангај, јужната провинција Гуангдонг, како и во провинциите Шандонг, Сечуан, Гуангжи и Јунан. Првпат од појавувањето на опасниот вирус се огласи и кинескиот претседател Си Џинпинг.

– Животите на луѓето и здравјето треба да бидат најголем приоритет, а ширењето на епидемијата треба одлучно да биде запрено – порача Си.
Епидемијата на коронавирусот го вклучи алармот кај кинеските власти поради неговата поврзаност со вирусот САРС, кој уби речиси 650 лица во Кина и во Хонгконг во периодот 2002-2003 година. Светските медиуми пренесуваат дека сегашната епидемија се проширила и во Тајланд, Јапонија и во Јужна Кореја.

Коронавирусот се пренесува помеѓу животните и луѓето, а епидемијата во Вухан е поврзана со пазар за морска храна, каде што се продавале живи животни. СЗО соопшти дека примарниот извор на вирусот е од животинско потекло, иако сега веќе се регистрирани и ограничени пренесувања помеѓу луѓе што биле во близок контакт. Истовремено, светските експерти стравуваат дека бројот на заразени е многу потценет и оти кинеските власти не реагирале доволно брзо за да го запрат ширењето на вирусот или да ја едуцираат јавноста во земјата.

Првичните истражувања покажуваат дека станува збор за нов коронавирус, односно член на семејството коронавируси што досега не бил откриен. Многумина од заразените или работеле или често купувале на пазарот за морска храна во Вухан. Експертите истакнуваат дека новите и проблематични вируси обично потекнуваат од домаќини-животни, а пример за тоа се вирусите на ебола и грип. Според нив, тешките заболувања САРС и МЕРС се предизвикани од коронавируси што потекнуваат од животни. Иако се смета дека МЕРС бил пренесен на луѓето од камили, оригинални домаќини и на двата коронавируси најверојатно биле лилјаците. Првите случаи на САРС беа откриени во Кина кон крајот на 2002 година. Кинеските власти првично ги игнорираа случаите, поради што подоцна беа цел на остри критики, бидејќи вирусот неконтролирано се прошири низ 37 земји, предизвикувајќи глобална паника, и над 750 смртни случаи.

Досегашните информации од теренот говорат дека вирусот предизвикува пневмонија. Заразените лица кашлаат, имаат висока температура и тешкотии со дишењето. Бидејќи станува збор за вирусно заболување, антибиотиците не помагаат за ублажување на симптомите. Доколку заболените лица бидат хоспитализирани, можно е да бидат приклучени на апарати за дишење. Заздравувањето во најголем дел зависи од нивниот имунитет. Лицата што досега починаа од коронавирусот веќе имале значително нарушено здравје.